Во Македонија досега не е забележано присуство на корона кај животни. За жал, бројот на испитувањата што се правени во изминатиот период е занемарлив, зашто се правени анализи на домашни миленици во семејства што беа позитивни на ковид-19. Откако ќе стивне присуството на вирусот кај луѓето, експертите се надеваат дека ќе можат да се посветат на поопсежни истражувања кај животните

По објавувањето на американската студија за ширењето на коронавирусот преку животните

 

Додека светот сѐ уште се бори со коронавирусот, науката развива можности за заштита на животните, кои исто така може да бидат заразени од ковид-19. Русија веќе е во поодмината фаза за производство на вакцина против ковид-19 наменета за животни. Кај нас засега само се набљудува и се следи состојбата кај домашните животни. Експертите чекаат да стивне состојба со ширење на вирусот кај луѓето, за да можат ресурсите да ги насочат кон истражувања на животните.Вносниот бизнис со крзно од ласици во Русија поради ковид-19 може да колабираРусија соопшти дека развива нова вакцина против ковид-19 за да ги заштити ласиците на своите фарми за крзно, како и домашните мачки. Руската ветеринарна служба објавила и дека работи на вакцина за животни што треба да се тестира наесен. Одлуката се донела откако се појавиле случаи на ковид-19 кај домашните мачки во Москва и во други градови.
– Вакцината главно ни е потребна за ласиците, но луѓето веројатно ќе сакаат да ги заштитат и своите миленичиња – изјавиле оттаму.
Професорот д-р Игор Џаџовски, раководител на лабораторијата за молекуларна дијагностика на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, вели дека веќе е докажано дека мачките и животните крзнари може да заболат од ковид-19. Го посочува примерот и со присуство на ковид-19 кај тигар.
– Досега не сме детектирале кај нас присуство на корона кај животни. Но бројот на испитувањата што ги правевме во изминатиот период е оскуден, зашто правевме анализи на домашни миленици во семејства што беа позитивни на ковид-19. Кај тие миленици немаше присуство на овој вирус. Но поради технички причини немавме можност тоа да го направиме кај многу семејства и домашни миленици. Сепак, откако ќе стивне присуството на вирусот кај луѓето, се надеваме дека ќе можеме да се посветиме на поопсежни истражувања кај животните, како кај нив симптоматски се развива и колкав е преносот од нив за луѓето – посочува д-р Џаџовски.Пренесувањето на вирусот кај луѓето е само од човек на човекПрофесорот Лазо Пендовски, декан на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, веќе има изјавено дека научните податоци потврдуваат дека вирусот САРС-КоВ-2 потекнува од животни.
– Меѓутоа, пренесувањето на болеста ковид-19 е единствено од човек на човек. Генската секвенца на САРС-КоВ-2 е многу идентична во својот профил со други слични коронавируси изолирани од лилјаци. Вирусот на ковид-19 може да се врзе на клеточните површински рецептори што во својот состав имаат протеин познат како АЦЕ2 и е присутен во клетките кај многу видови животни. Сепак, до денес нема доволно научни докази што јасно го објаснуваат патот на пренесување на САРС-КоВ-2 од животните кај луѓето и се претпоставува дека постои т.н „интермедијален домаќин“, кој најверојатно учествува во трансмисијата на вирусот кај луѓето. Во научниот свет се прават интензивни истражувања со кои ќе се потврди примарниот извор на болеста, односно да се утврди како вирусот се пренел кај луѓето и да се утврди потенцијалната улога на животните како резервоар на оваа болест – посочи деканот Пендовски.
Инаку, студија објавена во американското научно списание „Зборник на Националната академија на науки“ востановила дека сите животни што го имаат истиот ензим што го користи САРС-КоВ-2 за да зарази човечки суштества се еднакво изложени на ризик од инфекција со коронавирус. Според американското министерство за земјоделство, досега во САД се потврдени повеќе од 25 случаи на кучиња и мачки заразени со коронавирус. Сепак, од нивниот центар за превенција и контрола на болести образложиле дека сопствениците на домашни миленици не мора да се грижат за веројатноста за меѓусебно пренесување.