Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс ја поздрави изјавата на Европската Унија за Западен Балкан по самитот на Брдо кај Крањ.
– Ја поздравуваме изјавата на ЕУ за Западен Балкан. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија продолжуваат да ја покажуваат својата посветеност кон реформите. Клучно е вратите на ЕУ да останат отворени за нив – истакна тој на Твитер.
Лидерите на Европската Унија, со согласност на лидерите на Западен Балкан, усвоија декларација на самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, со која се потврдува посветеноста на Унијата кон процесот на проширување и се најавува засилен заеднички ангажман за целокупната трансформација на регионот.
Во декларацијата не се споменуваат рокови или датуми поврзани со продолжувањето на процесот на проширување.
– ЕУ ја реафирмира својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините одлуки донесени врз основа на веродостојни партнерски реформи, правична и ригорозна условеност и принципот на сопствените заслуги. Ние дополнително ќе го интензивираме нашиот заеднички ангажман за унапредување на политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, истовремено признавајќи го напредокот постигнат од Западен Балкан. Потсетуваме и на важноста што ЕУ може да го одржува и продлабочува сопствениот развој, обезбедувајќи ја неговата способност да интегрира нови членки – се наведува на почетокот на декларацијата.
Декларацијата, исто така, се однесува на континуираниот одговор на пандемијата на коронавирус и потребата за тесна соработка за нејзино надминување. Наведени се и економскиот и инвестициски план (ЕИП) и упатствата за имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан.
Се додава дека ЕУ и Западен Балкан споделуваат голем број безбедносни предизвици кои бараат координирана акција и се согласуваат да ја зајакнат соработката за клучните безбедносни прашања.