Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денеска се среќаваат во Брисел, за последен пат пред самитот во јули.
Министрите ќе го отворат состанокот со разговори за руските закани на глобално ниво, соопшти генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
– Има шема на опасно однесување: нелегалната анексија на Крим, дестабилизација во Украина, мешање во демократските процеси, кибер напади, поддршка за бруталниот режим во Сирија, користење на хемиско оружје, Русија најверојатно стои и зад нападот во Солсбери, изјави Столтенберг пред новинарите, истакнувајќи дека членките на Алијансата одговориле “преку обединетост“ на тоа однесување.
Генералниот секретар смета дека односите помеѓу Русија и Западот се „потешки од кога било“, но и дека колку се повисоки тензиите толку е попотребно да се има дијалог со Русија.
Столтенберг порача дека НАТО работи да се оствари нова средба помеѓу членките на НАТО и Руската федерација во рамките на Советот НАТО-Русија, но не беше во можност да каже дали таа би се случила пред јулскиот самит на Алијансата.
Високи дипломатски извори во НАТО предупредуваат дека е важно Западот на „западне во миметизам кон Русија и да не гледа на ситуацијата како на постојана криза, но дека треба да се остане обединет, бидејќи Русија се обидува да внесе поделеност“.
Поради тоа за НАТО е од исклучителна важност да продолжи дијалогот со Русија на воено како и на политичко ниво, сметаат во НАТО. Но, сепак, велат во НАТО, „не сме на раб на воен конфликт со Русија“.
Во контекст на руските закани, генералниот секретар предупреди дека пораките на Русија кон Македонија – дека таа станува „легитимна цел“ доколку стане членка на Алијансата и дојде до конфликт помеѓу Русија и Западот – се спротивни на се она за што се залага НАТО.
– Целата идеја дека Русија нема да прифати одредени земји да станат членки во НАТО е идеја на сфери на влијаниа каде големите сили ги контролираат помалите држави и тоа е во контрадикција со се за што НАТО се залага, изјави вчера Столтенберг.
НАТО членките се оптимисти дека е можно решение за името до следниот самит на НАТО, но притисок врз Грција не се врши, иако не би било згодно за Грција да блокира без добра причина, вели нашиот извор.
Министрите за надворешни работи на НАТО состанокот ќе го завршат со дискусија за Западниот Балкан и опасноста од враќањето на странските борци од воени зони како Сирија, како и со дискусија за “политиката на отворени врати“ на Алијансата, која се однесува пре сѐ на Македонија, Босна и Херцеговина, и Грузија.
На дневен ред се и Блискиот Исток и Северна Африка.