На покана на министерот за надворешни работи на Романија, Теодор Мелешкану, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера и денеска престојува во официјална посета на Романија.
За време на пленарните состаноци на двете делегации, предводени од министрите Димитров и Мелешкану, се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа карактеризирани како одлични и пријателски, а беа предложени и нови иницијативи за натамошно развивање на економската соработка, но и во областа на други значајни сектори. Беа разменети мислења за иднината на регионот и регионалната соработка.
Постои задоволство за динамиката со која се развиваат билатералните односи, при што би се издвоила соработката во областа на европските интеграции, кое може да се огледа и од денешното потпишување на меморандумот за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете држави во областа на европските интеграции.
Министерот Димитров се заблагодари за цврстата поддршка на Романија за членството во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека согласно својот демократски и реформски исчекор, Северна Македонија очекува добивање одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
-Традиционално блиските билатерални односи со пријателска Романија се потврдуваат и со големата поддршка што ја добиваме за нашиот евроинтегративен процес. Заложбите на Романија за почнување преговори со ЕУ за време на нивното претседавање се повеќе од мотивирачки-рече Димитров.
Слични пораки беа упатени и за време на средбата со министерот за европски прашања, Џорџ Чамба, на која детално се разгледуваа очекувањата од јунскиот Совет на ЕУ и уште еднаш од романската страна беше истакната цврстата волја и посветениот ангажман за добивање одлука за преговори за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ.
Димитров имаше средба и со потпретседателот на Долниот дом на романскиот парламент, Кармен-Илеана Михалческу. МНР Димитров упати благодарност до сите свои соговорници и за брзата ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на романскиот парламент. Со заменик-претседателот на Домот на пратениците, Михалческу, се разговараше и за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји, при што од романска страна беше изразена подготвеност за размена на искуства и поинтензивен билатерален дијалог. Беа разменети информации за очекувањата од претстојните ЕУ-избори.
-Северна Македонија е особено задоволна за одличната синергија меѓу приоритетите на романското претседавање со Советот на ЕУ и стратешките цели и приоритети на нашата држава, како борбата против расизмот и ксенофобијата и охрабрување на толеранцијата и солидарноста, што е на линија на нашите залагања за европеизација на нашето општество- рече Димитров.
Во продолжение на официјалната посета, министерот ќе има обраќање на Националната школа за политички студии и јавна администрација, на темa „Политичката транзиција во Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО и ЕУ“, како и гостување на телевизискиот канал DIGI 24, во емисијата Дипломатски пасош.