На првиот работен ден како министер за надворешни работи, Бујар Османи оствари официјален телефонски разговор со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Филип Рикер.
Честитајќи за новата позиција на Османи, амбасадорот Рикер ја реафирмираше силната поддршка на САД за Република Северна Македонија, имплементирана преку стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и преку нововоспоставеното партнерство во НАТО, информираат од кабинетот на Османи.
– Дозволете да ја пренесам нашата огромна почит за вашата континуирана поддршка, со видливи резултати во создавањето на севкупниот напредок на земјата. Како стратешки партнери, САД можат да се потпрат на земјава како на искрен и лојален партнер на Балканот, особено во рамките на нашиот искрен придонес во решавање на регионалните прашања – истакнал Османи, посочувајќи ја Република Северна Македонија како земја – пример за тоа како се затвораат отворените билатерални прашања.
На крајот од разговорот, Османи го поканил Рикер да ја посети земјата, што било со задоволство прифатено од негова страна, најавувајќи дека тоа ќе го стори наскоро.