Кастриот Реџепи преку Фејсбук соопшти дека одлучил да не учествува на собраниската седница за гласање на доверба на Владата.
– Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движење БЕСА на која припаѓам, е евроатлантската интеграција на РСМ. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ, кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, решив да не учествувам на собраниската седница, на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел – напиша Реџепи, додавајќи дека одлуката не ја донел лесно, туку го ставил интересот на народот и на државата на прво место.
Зекири: Промена на играта
Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири реагираше на социјалните мрежи откако Кастриот Реџепи од БЕСА не дојде на денешната седница во Собранието.
„Game change“, напиша Зекири, што во превод значи „промена на играта“.
Кастриот Реџепи од Беса не се појави на закажаната седница за недоверба на Владата од 11 часот, пред да соопшти преку Фејсбук оти одлучил да не учествува на седницата.