Во денешната предизборна дебата на ТВ 24, лидерите на СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, за првпат се соочија очи в очи во оваа изборна кампања. Главни теми на нивната дебата беа случајот „Рекет“, судството, како и претстојните парламентарни избори.
Заев потенцираше дека во целиот случај станувало збор за пари, а блокирањето на законот за Јавното обвинителство било за случајот „Империја“.
– Веќе согледавме дека се работи за поткуп, добро осмислен, организиран и поддржан од Мицкоски да се спроведе преку Орце Камчев, Зоран Кичеец, Катица Јанева и Боки 13. Се работело само за пари, за финансирање на кампањата, за парите за партијата. Можеби и за лични пари – рече Заев.
Мицкоски одрече сѐ, рече дека имале на располагање три години за да го докажат тоа и дека тоа е далеку од вистината.
Во врска со изборите, Заев потенцираше дека СДСМ нема да дозволи партијата да биде ставена под било каква уцена од страна на ДУИ.
– Јас сум кандидатот за премиер и јас ќе бидам идниот премиер со тие што ќе направиме парламентарно мнозинство. Ако условот биде да мора да бидеме со ДУИ, нема да преговараме со нив. Спремен сум да му отстапам 13 пратеници на Мицкоски зашто толку ќе му требаат за 61 пратеник, тој да формира малцинска влада. Или ќе бараме од него да ми отстапи шест, оти толку ќе ни требаат нас за да формираме малцинска влада. Никој не смее под уцени да преговара – рече Заев.
На ова Мицкоски рече дека математиката на Заев му е лоша, затоа што на неговата коалиција би ѝ фалеле уште еден или двајца пратеници за да го имаат мнозинството во парламентот, а не 13.
Мицкоски рече дека тој би формирал влада со секоја партија што ќе ја прифати нивната програма. Тој исто така порача дека граѓаните се оние кои одлучуваат кој ќе биде мандатар со својот глас на изборите и дека тоа не се договара на маса. Мицкоски потенцираше дека 15 јули е терминот граѓаните да решат каква иднина да имат.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи идната влада и постојат луѓе кои се дел од коалицијата „Можеме“ а кои се на пратеничките листи и во иднина ќе ги поддржат политиката на ВМРО-ДПМНЕ. После 15 јули на ВМРО-ДПМНЕ можеби и нема да му требаат повеќе од еден или двајца пратеници од коалицијата „Можеме“ за да поддржи влада со полн легитимитет – рече Мицкоски.