Секое дополнително одложување се заканува да го зголеми евроскептицизмот кај македонските граѓани, кои за почеток на пристапните преговори мораа да прифатат и промена на уставното име на државата, но повторно беа изневерени од Европа. Тоа, несомнено, ќе влијае и врз реформскиот процес внатре, а не е исклучено да ја усложни и внатрешнополитичката состојба
Македонија без опиплива европска перспектива станува сива зона
Македонија тешко може да се надева на почеток на пристапните преговори оваа година, а уште помалку на почетокот на идната година, кога претседавањето со Европската Унија го презема Франција, која не е премногу воодушевена од процесот на проширување и веќе еднаш ја блокира земјава, со наметнување нова методологија во проширувањето.
Актуелното португалско претседателство, кое завршува во јули, не сигнализира некаков пробив на планот на одредување датум, а надежите за подобри шанси со словенечкото претседателство како да се разнишани по скандалот со наводниот нонпејпер, но и од внатрешнополитичките превирања во Словенија.
Ситуацијата во соседна Бугарија, која го услови почетокот на пристапните преговори на Македонија со нејзините неразумни барања, сега дополнително е искомплицирана со неможноста таму да се состави влада и да се најде соговорник од таа страна, така што и ова дополнително ќе ги намали шансите земјава оваа година да ги почне преговорите со ЕУ.
Повеќе од јасно е дека секое дополнително одложување се заканува да го зголеми евроскептицизмот кај македонските граѓани, кои за почеток на пристапните преговори мораа да прифатат и промена на уставното име на државата, но повторно беа изневерени од Европа.
Тоа, несомнено, ќе влијае и врз динамиката на реформскиот процес внатре, бoрбата со корупцијата, а не е исклучено да ја усложни и внатрешнополитичката состојба.
– Или ќе бидеме сите губитници или ќе бидеме сите победници. Се разбира, ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех… Ќе изгуби многу и ЕУ. Ќе биде многу тешко зборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност, не само кај нас, во целиот регион – истакна неодамна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, апелирајќи до европските партнери да овозможат почеток на пристапниот процес.
Дипломатот и поранешен амбасадор Огнен Малевски вели дека доцнењето на евроинтеграциите остава траги.
– Дефинитивно доцнењето на евроинтегративните процеси остава длабоки траги. Ние позитивните искуства ги гледаме кога Централна Европа и балтичките земји влегуваа и колку тоа придонесе за нивна стабилизација и забрзан развој, како и бенефициите од тој процес и вклучувањето во Унијата. Од друга страна, гледаме преку примерот на Западен Балкан колку негативно дејствува тоа бавно приближување кон ЕУ, а особено бавното преговарање или воопшто непреговарање како во случајот со Македонија – појаснува Малевски.
Според него, сите земји на Балканот имаат многу проблеми внатре, но многу полесно ќе ги решеа доколку течеше евроинтегративниот процес.
– Мислам дека Македонија и целиот регион се подолго време ставени во нестабилност поради внатрешни проблеми, но недостига и поголема поддршка од ЕУ преку поголемо интегрирање на Балканот во Унијата. Вака апсолутно го нема морковот, го гледаме само стапот и постојано ни се појавуваат некакви нонпејпери – констатира Малевски.
Тој додава дека редоследот на претседателствата со ЕУ и не е толку голем проблем колку што е прашањето со Бугарија.
– Прашањето е како со Бугарија да се најде тој модус вивенди што ќе овозможи почеток на преговорите. Не сметам дека претседателствата би правеле некаков проблем, но и тие инсистираат да има некаков компромис со Бугарија – заклучува Малевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски не ја отфрла можноста Македонија и земјите од регионот да влезат во некаква сива зона ако им биде одземена европската перспектива.
– Постои опасност Македонија, но и сите земји на Балканот, кога ќе им ја одземеш европската перспектива, да се лизгаат наназад. Мислам дека сегашната офанзива на нашите политичари е обид да се фати летнава можност и ако таа не успее, следна можност е декември, по претседателските избори во Бугарија. Ако не се успее сега да се направи тоа, потоа доаѓа претседателството на Франција и се комплицира работата – вели Арсовски.