Фото: Маја Јаневска-Илиева

Странските медиуми веќе пишуваат дека кога ќе пристигне вакцината, веројатно, ќе следуваат „хаотични месеци“ со многу отворени прашања. На пример, колку е ефикасна и безбедна вакцината, колку дози ќе се обезбедат? Кој прво треба да се вакцинира? И како да се вакцинира целото население?

Може ли вакцината против ковид-19 да ги задоволи нашите очекувања?

Во деновите кога Македонија, а и Европа, брои стотици новозаразени од ковид-19, надежта најмногу е свртена кон вакцината против овој вирус, која сите ја очекуваат. Иако десетина компании се во третата последна фаза на истражување на вакцината, сепак е неизвесно дали до крајот на годината таа ќе биде пуштена во употреба, а кога ќе ја има во Македонија сѐ уште е големо прашање.
Но што може да се очекува од оваа вакцина? Дали таа ќе значи крај на вирусот? Кога може да се очекува враќање на светот во нормала? Сите овие прашања засега се само надеж на луѓето дека вакцината може да биде единственото оружје против ковид-19.
Странските медиуми веќе пишуваат дека кога ќе пристигне вакцината, веројатно, ќе следуваат „хаотични месеци“ со многу отворени прашања.
На пример, колку е ефикасна и безбедна вакцината, колку дози ќе се обезбедат? Кој прво треба да се вакцинира? И како да се вакцинира целото население?
Сепак, странските научници предупредуваат дека вакцината може да стори нешто, но не може сѐ, зашто со невидената брзина со која се развива вакцината за корона не треба да се очекуваат чудесни успеси.

Македонија фати ред за рамноправна набавка

Венко Филипче, министерот за здравство, пред две недели посочи дека очекувањата за набавка на вакцините се за почетокот на следната година.
– Во првата фаза ќе бидат набавени 800 илјади дози од вакцината, кои треба да покријат 20 отсто од населението, што значи дека околу 400 илјади луѓе ќе можат да ја примат вакцината, но вакцината ќе има две дози и затоа се набавуваат 800 илјади првични вакцини – истакна Филипче.
Сепак, тогаш изјави дека сѐ уште не се знае производителот што ќе биде избран.
Според протоколите, здравствените работници и луѓето над 65 години треба први да ја примат вакцината, а кога ќе бидат достапни поголем број дози и луѓето помлади од 65 години со хронични болести.
Од Министерството за здравство посочуваат дека првата вакцина што ќе биде одобрена на пазарот ќе биде еднакво дистрибуирана помеѓу сите земји-членки што аплицирале преку Ковакс-механизмот.

Вакцината нема да ја заврши пандемијата

Германскиот неделник „Шпигел“ посвети цело истражување на темата за вакцината, кое го направи со раководителите на водечките компании што ја развиваат вакцината.
– Вакцината обезбедува две работи. Ја спречува или барем ја олеснува болеста и, второ, спречува понатамошно пренесување од човек на човек – посочил сопственикот на „Бионтех“ и главен истражувач Угур Сахин.
Но досегашните студии сугерираат дека вакцинираните лица сепак можат да ја шират инфекцијата, но побрзо да закрепнат и да заразуваат помалку луѓе во просек.
„Шпигел“, сепак, заклучува дека вакцината нема да ја заврши пандемијата со еден удар.
Истото го пишува и весникот „Хамбург“, кој посочува дека поверојатно е дека прво вакцината ќе биде со умерена ефикасност што штити од тешкиот тек на болеста, па дури може и целосно да спречи појава на симптоми на ковид-19.
– Малку е веројатно дека тоа ќе спречи пренесување на самиот вирус. Сè уште не е јасно дали имунитетот ќе трае неколку месеци, една година или можеби подолго – пишува весникот.

Потребни се години за вакцинација на целото население

Додека Македонија ја чека вакцината, во земјите на САД и на ЕУ, каде што имаат развиена наука, веќе интензивно го финансираат производството на вакцина, и тоа во неколку научни центри паралелно.
Како и САД, така и Европската Унија не сака да ги вложи сите свои пари во само една опција, затоа што не е познато која од вакцините ќе отиде во последната фаза на тестирање или која ќе се покаже како најефикасна за неколку месеци. Затоа ЕУ веќе обезбеди 800 милиони дози вакцини од шест различни производители.
Германија планира да формира најмалку шеесет центри за вакцинација, веројатно на пространи саеми, за да можат што повеќе луѓе да се вакцинираат брзо и без метежи.
Френк Улрих Монтгомери, претседател на Светската медицинска асоцијација (CPME), вели дека може да бидат потребни неколку години додека целото население се вакцинира.
Според препораките на ЕУ, кои треба да ги усвојат земјите-членки, сè додека нема доволно вакцина за сите, приоритет треба да им се даде на медицинскиот персонал и на населението над шеесет години, како и на хронично болните.


Дали новиот бран е нов коронавирус?

Меѓународен тим научници идентификуваа нов вид коронавирус, наречен 20А.ЕУ1, кој го објавија во истражувачки труд, за кој велат дека потекнува од шпанските региони Арагон и Каталонија и веќе ги премина европските граници, известуваат странските медиуми.
Мутација на коронавирус, која потекнува од шпански земјоделски работници, брзо се шири низ цела Европа од летото и сега го сочинува мнозинството нови случаи на ковид-19 во повеќе земји.
На пример, во Велика Британија тој сочинува дури 80 проценти од новите случаи, пишува „Фајненшл тајмс“.
Сепак, научниците досега не пронашле докази дека оваа мутација е поопасна.
Според „Ројтерс“, оваа мутација на вирусот прво е идентификувана меѓу земјоделските работници во источните шпански региони Арагон и Каталонија.

Во текот на последните два месеца, тој изнесува речиси 90 отсто од новите инфекции во Шпанија, според истражувачкиот труд, чии автори се седум истражувачи со поддршка од швајцарски и шпански научни институции. Вирусот ги преминал европските граници и се претпоставува дека е виновен за 40-70 отсто од новите инфекции во Швајцарија, Ирска и во Велика Британија.
Тие наведуваат дека луѓето што се враќале од годишни одмори во Шпанија одиграле клучна улога во пренесувањето на вирусот низ Европа, прашувајќи се дали вториот бран, кој штотуку го погоди континентот, може да се намали со подетални проверки на туристите на аеродромите и другите сообраќајни центри.

[email protected]