На северот од Европа е регистрирано зголемено ниво на радиоактивност, кое потекнува од радиоизотопи. Никој досега нема одговор ниту преземено одговорност за оваа аномалија во атмосферата. Некои експерти тврдат дека детектираните радиоизотопи цезиум-134, цезиум-137, кобалт-60 и рутениум-103 не потекнуваат од нуклеарни централи, туку од специјални лаборатории, какви што во Европа има десетици
Збунувачка појава за нуклеарните експерти низ светот
Веќе десетина дена кружи веста дека на северот од Европа е регистрирано зголемено ниво на радиоактивност, кое потекнува од радиоизотопи и дека ниедна земја досега нема преземено одговорност за оваа аномалија во атмосферата. Исто така, потврдено е дека Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) го нема утврдено географското потекло на зголеменото ниво на радиоизотопи во воздухот во овој дел од Европа. Постои сомнеж дека овој феномен може да се доведе во врска со работата на некој од нуклеарните реактори во регионот. Меѓутоа, со оглед на тоа дека помина времето кога ваквите несреќи можеа да се скријат од јавноста (како во случајот со експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил, 1986), како и фактот што ИАЕА има извонредна мрежа инструменти за следење на работата на нуклеарните реактори и испуштањето радиоизотопи во атмосферата, оваа ситуација ги збуни нуклеарните експерти во светот.
Смела претпоставка на еден нуклеарен научник
– Поради моето долгогодишно искуство во работата на полето на нуклеарната наука, се заинтересирав за овој феномен и тргнав од една смела претпоставка, засега само како идеја, дека радиоизотопите цезиум-134, цезиум-137, кобалт-60 и рутениум-103 не потекнуваат од нуклеарни централи туку од специјални лаборатории, какви што во Европа сигурно има десетици. Имено, мислам дека во тие тајни лаборатории, било приватни или државни, со месеци се обидуваат да го решат проблемот со најголемата епидемија што го има зафатено човештвото во текот на последниве неколку века и која се шири до невидени размери. Секако, мислам на коронавирусот или ковид-19 – изјави за јавноста научниот советник во пензија и член на Српската академија за инженерски науки д-р Илија Плеќаш.
Зборувајќи за српскиот весник „Политика“, д-р Плеќаш вели дека може само да се претпостави со колкава тајност и претпазливост научниците пристапуваат кон овој проблем, чие решавање (убивањето на ковид-19 и ставање крај на неговото незапирливо ширење низ Земјината топка) би го спасило човештвото од смртоносната и недоволно позната болест што ја предизвикува вирусот.
– Познато ни е и колку се суетни научниците во однос на нивната работа, впрочем исто како и уметниците и другите светски великани. Оттука, факт е дека ваквите лабораториски експерименти се изведуваат во огромна тајност. Конечно, тимот што би го решил проблемот со коронавирусот со сигурност би можел да очекува Нобелова награда, имајќи ја предвид важноста на еден ваков подвиг – пишува д-р Илија Плеќаш.
Во експериментите се користи радиоактивно зрачење за уништување на вирусот
– Претпоставувам дека некои лаборатории користеле зрачење за да го уништат вирусот, практика што долги години се користи во областа на нуклеарната медицина. Во Винча веќе 30 години работи единицата за стерилизација ГАМА (во почетокот на 1980-тите финансирана од страна на Обединетите нации), која со користење силен извор на кобалт стопроцентно стерилизира најразлични предмети. Во овој случај, предметите се спакувани во пакети, кои во сите три димензии кружат по неколку часа околу силен извор на кобалт, што доведува до идеално чистење и стерилизација на предмети како што се хируршките инструменти, кај кои со ниеден друг метод не би можеле да бидат целосно отстранети вирусите и бактериите.
Оваа единица за стерилизација, која со години е гордост на институтот „Винча“, досега немала никакви проблеми во однос на работата и ефикасноста во процесот на стерилизирање – додава тој.
Врз основа на недоумиците на ИАЕА во врска со зголеменото ниво на радиоизотопи над Европа, докторот вели дека дошол до смела, засега со непоткрепена претпоставка, дека во некоја од лабораториите дошло до несакан инцидент, кој им овозможил влез во атмосферата на радиоизотопите, чија примарна цел била уништување на ковид-19.
Контроверзна теорија на д-р Плеќаш
За среќа, се работи за многу мали активности што се распространети во една огромна атмосферска маса, па оттука нема место за паника. Со оглед на тоа што станува збор за нови, тајни лаборатории зад кои сигурно стои огромен капитал, можеби тука лежи и причината за нивното досегашно неоткривање од страна на ИАЕА, објаснува научникот.
– Во случај мојата претпоставка за употреба на зрачење да е точна и ако навистина постојат основи за уништување на ковид-19, а можеби дури и за лекување заразени лица, би сакал резултатите од работата на една таква лабораторија да излезат на виделина и да се спроведат во практика колку што е можно побргу. Постои веројатност голем дел мои колеги да искажат негативен став во однос на мојата смела визија, но во својата долгогодишна научна работа во врска со преработка и депонирање на радиоактивен отпад, јас секогаш се водев од некаква визија и ја користев сопствената фантазија, секако, пред сѐ по пат на користење научни и експериментални методи – заклучува д-р Плеќаш. Р.Н.М.