Со високи воени почести, интонирање на химните на Македонија и на Бугарија, положување венци и цвеќе пред споменикот на загинатите војници закопани на бугарските гробишта во Ново Село, Струмичко, беа одбележани Денот на храброста и Денот на бугарската армија, кои се слават на празникот Ѓурѓовден.
На чествувањето присуствуваа бугарскиот претседател, Румен Радев, европратеникот Андреј Ковачев, претставници на националната гарда на Бугарија, воени аташеи, амбасадори, поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, владиците Наум и Климент, претставници на локалната власт и граѓани од двете земји.
Претседателот на Бугарија, Радев, положи венец пред споменикот во гробиштата.
– Добрите традиции на современа Европа налагаат државите, кои дури и војувале една против друга заедно да ги почитуваат своите мртви, притоа испраќајќи порака за помирување и единство. Радосно е тоа што овој цивилизациски дух зазема сѐ повеќе место и на Балканот. Активностите за зближување и заемните активности меѓу нашите држави сѐ повеќе се зголемуваат од двете страни на границата и тоа е најсилниот сигнал дека одиме по правилната насока – рече Радев во обраќањето.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во сослужение на владиците Наум и Климент, одржа Света упокоена литургија за загинатите војници закопани на овие гробишта.
– Дојдовме од различни страни, но за ист повод за да се помолиме за душите на овде погребаните и за да искажеме почит пред нивните жртви. А кога се во прашање мирот и слободата секогаш вистинскиот мир и вистинската слобода најпрвин ги разбирам преку мирот и слободата донесени и дарувани преку Христа Спасителот. Само мирот одозгора и слободата родена од вистината, која единствено вистински ослободува треба да се стремеж за секој слободољубив човек и секој народ – кажа во обраќањето поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
Вчерашното чествување на празникот на бугарската армија на бугарските воени гробишта во Ново Село е во организација на фондацијата „Бугарска памет“.
Бугарските воени гробишта во Ново Село се обновени пред 12 години и во нив се закопани посмртни останки на 71 војник, кои се бореле на страната на бугарската армија во различни војни.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, вчера во Ново Село беше пречекан од македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој потоа замина за Стар Дојран, каде што попладнето требаше да се одржи работна средба меѓу двајцата претседатели.