Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска го прими на проштална средба амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Матс Стафансон, пред завршување на неговиот мандат и заминување од земјава.
Министерот Димитров се заблагодари за исклучителниот придонес на амбасадорот Стафансон во развивањето на македонско-шведското пријателство за што му врачи и благодарница за неговиот плоден ангажман и искрена, отворена и конструктивна поддршка кон демократската трансформација и европските аспирации на нашата земја.
-Вашата мудрост, добронамерни и пријателски совети, како и професионалниот пристап во работата, оставија силен печат во нашето општество, а воедно и меѓу дипломатскиот кор како доајен. Особено ми претставува задоволство што, меѓу другото, за време на Вашиот мандат беше интензивирана и размената на посети на високо ниво, а притоа беше усвоена и декларација за соработка меѓу нашите две земји во 2017 година. Кралството Шведска продолжува да служи како наш модел и инспирација при преземање на реформските чекори во духот на европските вредности, а притоа уверен сум дека и Вашиот наследник ќе продолжи со иста динамика да го негува позитивниот тренд на билатерални односи – рече Димитров.