Владата на денешната 64. седница донесе одлука со која се проширува опсегот на носители на јавни функции кои треба да ги објават службените трошења.
Како што соопшти владината прес-служба, Владата на седницата ја разгледа и ја усвои Информацијата за објавување на службените трошења на директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на Министерствата, на официјалните веб-страници.
Според владината одлука, најдоцна до 20.06.2018 година се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.
Истото, се наведува, им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.
– Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта, која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси, се наведува во соопштението од владината прес – служба.