Во Македонија, реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени политички цели, отколку како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на кризите коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи. Така, и Концепцијата за основното образование, иако критикувана и оспорувана од УКИМ, МАНУ и други институции, продолжува да се имплементира. Меѓутоа, во Македонија се потребни реформи во образованието ослободени од наметнатите политички стеги, кои ќе бидат транспарентни, постепени и ќе водат сметка за целиот образовен систем
Наивно верував дека во 2016 година бев сведок на најжестоката криза од постоењето на македонската држава. Денес, 30 години од независноста на Република Македонија, кризата во која се наоѓа македонското општество, според мене, по својата жестина и големина достигнува немерливи размери. Но во овој текст ќе се задржам само на еден нејзин сегмент, кризата во образованието. Насловот на текстов содржи два збора. Првиот, прочистување, потекнува од латинскиот глагол „purgare“, што значи чистење, прочистување. Поврзано со овој збор, во христијанството, терминот „чистилиште“ означува привремен, не вечен, простор, во којшто грешните поминуваат некое време за да се очистат и пристапат до Небото. Вториот збор, зборот „просветување“ означува ширење знаења, образование, а се поврзува со зборот свети.
Кратка историја на образованието. Филозофијата и образованието се испреплетени области, при што нивните врски изразени преку филозофските теории, етичките принципи и образовно-воспитните цели и методи се специфични во зависност од развојот на човештвото. Хронолошки гледано, Сократ и Платон го разработија образовниот концепт на паидеија, визија за градење морална, слободна и достоинствена личност. Образовните концепти на средновековните филозофи се темелат врз улогата на образованието на патот кон духовното спознавање и доближувањето до Бога. Во 18 век, филозофијата на образованието на Жан-Жак Русо го потенцира развојот на карактерот и моралните особини на ученикот.
Во своето дело „Емил, или за воспитувањето“, Русо ги поставува темелите на индивидуалната педагогија, дисциплина што се разви на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Други мислители што треба да се спомнат се Џон Стјуарт Мил, Давид Емил Диркем и Стефан Џон Бол, професор по социологија на образованието, којшто активно работи на теми поврзани со образовната политика.
Образованието денес. Во 20 век, неолиберализмот иницира низа промени и во образовните системи. Имено, меѓународните институции, како што се Организацијата за економска соработка и развој или Светската банка, како и моќните транснационални корпорации, промовираат глобални реформи во образованието со намера да се усогласат националните образовни системи со барањата на транснационалниот капитализам и елитните економски и политички интереси. Притоа, поголемиот број истражувања упатуваат на сознание дека, во текот на последните пет децении, доминацијата на неолиберализмот во јавната политика има тенденција да ги преобликува образовните системи и вредности на начин којшто ја поткопува идејата за образование како јавно добро и, генерално, ги еродира демократските односи.
Опстојувањето на Македонија. Опстојбата на македонската општественост се должи исклучиво на образованието, на континуираното духовно и културно просветување, од првиот Светиклиментов универзитет, преку македонската преродба во 19 век, до обновувањето на МПЦ и формирањето на УКИМ и на МАНУ. Иако македонската државност е остварена во средината на минатиот век, пред околу 75 години, денес, 30 години од независна Македонија, сведоци сме на почетоците на распродавање, откажување, негирање (од повеќе македонски институции) на сѐ што е поврзано со Македонија, дури и на придавката македонски. Во врска со тоа, професорот и писател Андоновски пишува: „Затоа, придавката е сѐ.
Живот без придавки е живот без својства. Кој се откажал од придавките, се откажал од стварноста.“ Така, придавките „македонски/а/о“, кои опстојувале повеќе векови, денес оркестрирано и синхронизирано се негираат од повеќето македонски институции.
Реформи во образованието. Стожерот на секое општество, образованието, во Македонија веќе подолго време е подложен на постепено деградирање, уништување, за денес, за жал, да може да се констатира дека образованието е претворено во пепел, пеплосано. Од независноста до денес, сведоци сме на хиперинфлација на законски прописи и нивни чести измени, особено во образованието, донесени во скратена постапка и без поширока стручна и научна расправа. Во Македонија, реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени политички цели, отколку како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на кризите коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи. Така, и Концепцијата за основното образование, иако критикувана и оспорувана од УКИМ, МАНУ и други институции, продолжува да се имплементира. Меѓутоа, во Македонија се потребни реформи во образованието ослободени од наметнатите политички стеги, кои ќе бидат транспарентни, постепени, и ќе водат сметка за целиот образовен систем.
Образованието е во криза. Образовните системи се комплексни системи во кои реформите треба да се прават внимателно, водејќи сметка не само за определениот степен на општествен развој во земјата туку и за образовните системи во соседството и пошироко во светот. Во моментов, образованиот систем во Македонија го тресат голем број скандали, од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребните заеми од Светската банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија само ја отсликува македонската политичка стварност.
Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам (во однос на нешто или некого), недостиг од контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието, особено на високото образование, е застрашувачка.
Промени. Зборот просветување е изведен од глаголот „свети“. Исто како и просветлување (enlightenment). Од истиот прасловенски корен (*свът) се изведени и зборовите: свет, светски, свеченост, свеќа, просвета, светлост, светост. Повеќедецениските обиди на МАНУ преку студии, анализи, форуми и расправи да влијае врз државната образована политика не наидуваат на одобрување, со што се маргинализира нејзината улога како највисока научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во креирањето на политиките.
Поради тоа, а во интерес на Република Македонија, во интерес на нејзиното повеќевековно минато и долгорочна иднина, поттикнат сум и јавно да ја споделам мојата дилема/недоумица дали креаторите на македонскиот образовен систем не можат да согледаат, и покрај сите констатирани и искажани факти (во форма на забелешки) од безброј релевантни субјекти за образовниот систем, дека особено моментните, но и претходните политики и активности во образованието, не водат кон просветлување, и поради тоа итно, за да не биде подоцна предоцна, треба да се пристапи кон прочистување во образованието.
Во текстов провејуваат неколку збора, свет, светлина, просвета, просветлување, сите изведени од ист корен. За да опстанеме во светот, за да влезе светлината низ пукнатините („Има пукнатина, пукнатина во сè/ Така влегува светлината“), нам сега, во моментов, ни треба прочистување на просветувањето. Да направиме сите, и оние што работат во образованието и оние што одлучуваат за образованието, образованието да биде свет што предизвикува чувство на длабока почит, свети, просветува, просветлува, сјае.