Корупцијата, криминалот, непочитувањето на малцинските права, дискриминацијата се само еден дел од описот на профилот за Бугарија, актуелна членка на ЕУ, која веќе една година ги блокира македонските евроинтеграции, со образложение дека земјава требало да ги негува европските вредности. Парадоксално е што истата Унија во која членува Бугарија мора да се солидаризира со својата членка и де јуре да толерира или самата де факто да биде криминална, коруптивна и дискриминаторска заедница во која најмалку се почитуваат некакви демократски вредности

Европската „солидарност“ за носењето одлуки ја нагризува Унијата однатре

Бугарија, главниот кочничар на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, деновиве се соочува со голем број скандали, кои се најдобар доказ дека во оваа земја не се почитуваат европските вредности што се бараат од земјите што сакаат да му се придружат на европското семејство.
Воведувањето санкции од страна на американското министерство за финансии за тројца бугарски државјани поради сомнение за корупција е само потврда дека Софија не успева да се справи со корупцијата, иако борбата со оваа негативна општествена појава е еден од главните услови за зачленување во ЕУ.
Неодамна земјата беше погодена од голем шпионски скандал, во кој беа вмешани шестмина бугарски државни функционери, кои се осомничени дека издавале информации во полза на Русија.
Пред година и половина во Бугарија беше разбиена мрежа за трговија со човечки органи, а претходно беше обелоденета и голема афера со продажба на новороденчиња од Бугарија во Грција.
Дополнително земјата е под постојана критика на Советот на Европа во врска со разни антисемитски и дискриминаторски пораки, како и поради присуството на екстремистичка реторика против Ромите, Турците, Евреите, католиците и сексуалните малцинства.

Земјата продолжува да не им дозволува регистрација на македонските здруженија на своја територија, поради што повторно беше опомената од СЕ. За признавање и некакви права на малцинства на нејзина територија воопшто и да не станува збор.
Корупцијата, криминалот, непочитувањето на малцинските права, дискриминацијата се само еден дел од лицето на Бугарија, актуелна членка на ЕУ, која веќе една година ги блокира македонските евроинтеграции, со образложение дека земјава требало да ги негува европските вредности.
Парадоксално е што истата Унија во која членува Бугарија мора да се солидаризира со својата членка и де факто и самата да биде криминална, коруптивна и дискриминаторска заедница во која најмалку се почитуваат некакви демократски вредности.
Молкот на официјален Брисел на воведувањето санкции за бугарски државјани од страна на САД не може да се протолкува никако поинаку, освен како срам затоа што некој 15 години не успеал да го воспита своето дете.
Неодамна поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере изнесе теза, според која, долгото солидаризирање на ЕУ со Бугарија може да доведе до тоа сегашниот бугарски став за земјава да стане и официјален став на ЕУ.
Тоа несомнено ја наметнува и дилемата дали ова лице на Бугарија станува всушност лице на ЕУ и колку тој принцип на консензуално одлучување по сите прашања ја поткопува Европа однатре, дозволувајќи една земја-членка да ги урнисува основните вредности врз кои почива заедницата на европски држави.

Во една ваква констатација на односите, прашањето што се поставува е дали ваквата негативна перцепција на Бугарија по последните скандали би можела да влијае врз блокадата на Македонија, односно дали тоа би ја ослабнало бугарската позиција и дали овие скандали би ѝ помогнале на земјава.
– Познавајќи го бугарскиот менталитет, сметам дека притисоците врз Бугарија и во една ваква ситуација кога земјата е погодена од скандали не само што нема да помогнат туку ќе одмогнат. Притисокот врз Бугарија ќе се рефлектира со бугарски притисок врз нас. Сите последни изјави што доаѓаат од Софија покажуваат дека Бугарија нема намера да попушти – вели Драган Јањатов, дипломат.
Според него, ЕУ уште кога ја примила Бугарија во 2007 година де факто ја прифатила со нејзиното вистинско лице што постојано го гледаме.
– Цело време потенцирам дека Бугарија во никој случај не ги исполнуваше критериумите за членство, ниту кога ја примија во ЕУ, ниту, пак, сега. Таа до денеска не се ослободи од криминалот и корупцијата, политичката нестабилност, а продолжува да претставува опасност за соседни земји на Балканот – нагласува Јањатов.
Тој не очекува ниту САД да успеат да ги омекнат властите во Софија да ги одблокираат македонските евроинтеграции.

– Со доаѓањето на Бајден малку се промени ситуацијата, но сите тие механизми Бугарија продолжува да ги одбива. Не исполнува ниту заклучоци на ЕС, на ЕП, па мое мислење е дека Бугарија ќе остане на позицијата додека не издејствува нешто од Македонија, или јазик или идентитет. Лично не сум оптимист – заклучува Јањатов.
За аналитичарот Синиша Пекевски без оглед на скандалите во Бугарија, ЕУ ќе продолжи да ја поддржува страната на својата земја-членка, без оглед какво и да е нејзиното лице.
– ЕУ може да ја казни Бугарија за многу други работи, но тоа нема ништо дополнително да значи добро за нас. Ние секогаш забораваме дека односот на Бугарија кон нас не е однос на Бугарија, туку е однос на други држави, а Бугарија е само ликот зад кој тие се затскриени. Тоа не сака никој да го признае, дека ЕУ не сака членка како нас, со толкава корупција и криминал. Едноставно не сакаат да им се повторат Бугарија и Романија – истакнува Пекевски.
Според него, Американците полека се враќаат на Балканот, но Македонија во овој период не е во нивниот фокус.


Американските санкции како одговор на политиките на Софија надвор од правото

Последните американски санкции за тројца бугарски државјани, официјална Софија ги толкува како своевиден американски притисок врз Бугарија за решително справување со корупцијата.
Симптоматично е што тие се случуваат во пресрет на предвремените парламентарни избори и што со нив е опфатен човек што се смета за близок на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и неговата ГЕРБ, со што на некој начин ѝ се задава удар на партијата што освои најмногу гласови на претходните избори, но не успеа да најде коалициски партнер за да формира влада.
Меѓу редови може да се насети и мала американска одмазда на изјавите на дел од бугарските политичари, кои говорејќи за блокадата на Македонија јавно говореа дека нема да потклекнат под никаков притисок, дури и да доаѓа од САД.
Истовремено, посетата на американскиот заменик-помошник државен секретар, Метју Палмер, на регионот и неговите средби со српскиот претседател, Вучиќ, и косовскиот премиер, Курти, може да се протолкува и како решителна акција на САД за конечно решавање на отворените прашања во регионот.