За справување со Турција на Грција ѝ е потребно меѓупартиско единство, какво што не успеа да постигне кога се преговараше за Преспанскиот договор, гласи ставот на Том Елис во неговата колумна „Националното единство и прагматизмот виз-а-ви Турција“ објавена во весникот „Катимерини“.
– Периодот во кој живееме е тежок и опасен. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е непредвидлив и не може да биде контролиран. Стратегијата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за смирување на односите со Турција, што треба да му даде можност да се фокусира на економските прашања, се судри со реалноста – се наведува во колумната.
Развојот на настаните во грчко-турските односи бара меѓупартиско единство. Владата мора да ја информира опозицијата во потполност, а опозицијата мора да покаже највисок степен на одговорност. Целта треба да биде создавање на единствен национален фронт. Нема време за поделби и караници. Ова се однесува на сите. И на премиерот Кирјакос Мицотакис и на неговиот претходник Алексис Ципрас.
Идеално, треба да постои канал за комуникација помеѓу двајцата. Немаше таков канал кога претходната влада преговараше за Преспанскиот договор со Северна Македонија. Да се надеваме дека тоа ќе се смени за поважното прашање за односите на Грција со Турција. Тука нема место за лични несогласувања, заклучува Елис.
Мицотакис побара од членките на НАТО на тукушто завршениот самит во Лондон да ја поддржат Атина, која, според него, се соочува со турските обиди за поткопување на грчкиот суверенитет. Последниот дипломатски спор меѓу двете земји се однесува за одбивањето на Турција да ги повлече бродовите од источните води на Средоземно Море. Станува збор за два брода за дупчење и за експлоатација на нафта и два извидувачки брода, кои се вклучени во потрага по нафта и гас во внатрешноста и во близината на ексклузивната економска зона до Кипар.