Дел од американската и светската јавност, исто како и дел од американските и светските политичари сметаат дека без американските постојани воени ангажмани и интервенции светот би потонал во трета светска војна. Другиот дел од американската и од светската јавност, како и од политичарите, вклучувајќи го и претседателот на САД Доналд Трамп, кој одбива да ги испраќа американските војници во геополитички и економски дискутабилни војни низ светот, се на сосема различни позиции по ова прашање. На тој начин, првоспоменатиот дел респектабилни поединци и групата неоконзервативци во САД (или познати под името неокони) сметаат дека актуелниот претседател на САД претставува сериозна закана за нив и за нивниот концепт за Америка и за другиот дел на светот
Фељтон
Анализа на „Геополитика
Сметајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе загуби на претстојните претседателски избори, обединетиот фронт на демократите и дел од републиканците веќе ги исцртуваат контурите на Америка и нејзината политика по Трамп. Сѐ што се случува на американската политичка сцена во последниве години и месеци, вклучувајќи ги и крвавите и разорни расни немири, всушност, не е ништо друго, освен голема пресметка помеѓу Трамп и споменатата двопартиска политичка сила, која преку државната администрација со децении управува со САД и со нивната внатрешна и надворешна политика. Ги нарекуваат неоконзервативци или скратено неокони, иако тие немаат речиси никакви допирни точки со конзервативизмот – станува збор за либерали и активни промотори на неолибералната политичка агенда.
Затоа и новата надворешна политика на посттрамповата Америка во целост е креирана од неоконите, како моќна неформална групација и центар на двопартиското акумулирање. Нивните истакнати лидери веќе пишуваат проекции за новата улога на САД во светот по изборниот пораз на Доналд Трамп, надевајќи се дека тој ќе се случи.
Концептот на неоконите за САД и за светот, по претседателствувањето на Трамп
Во голем стил на политичката сцена се враќа и Роберт Каган, идеен водач и икона на американските неоконзервативци. Како што се приближуваат американските претседателски избори, неговите јавни настапи и интервјуа стануваат сѐ позачестени, а во медиумите се рециклираат некои негови поранешни написи и се анализираат неговите издадени книги.
Повторно се актуализира неговиот обемен авторски напис за „Форин полиси“ од 2017 година, под наслов „Навраќање кон третата светска војна“, во која Каган ги дефинира битните детерминанти на американската политика во периодот по администрацијата на Трамп, за кој се надева дека ќе настапи. Според неговите тврдења, Трамп е „најуспешниот демагог и шарлатан во историјата на американската политика“, кој комплетно ја девастирал американската улога во светски рамки, а со тоа го загрозил глобалниот мировен поредок, кој во отсуство на американско водство полека се движи кон трета светска војна.
Каган, кој за себе вели дека е „либерален интервенционист“, во својот текст недвосмислено ја дефинира политиката на американски интервенционизам низ светот како божемен чувар на вредностите на либералната политика и либералниот светски поредок, промовирајќи ги во суштина американските геополитички и геоекономски интереси. Според него, за време на своето претседателствување, Доналд Трамп ги турнал САД во изолација и ги загрозил не само американските интереси, туку и целиот светски мировен поредок, заснован на американската заштита на либералната демократија.
Администрацијата на Трамп – најголема пречка на неоконите
За тоа колку лицемерна и крајно вознемирувачка е оваа теза, зборува и фактот дека ако навистина толку се грижат за либералната демократија во светот, промоторите на таквата американска политика би требало најпрвин да се справат со своите пријатели од моќниот и безмилосен саудиски режим, кој претставува типичен пример за диктатура. Меѓутоа, тие навистина веруваат во добри и лоши диктатори, обидувајќи се дури и да ја дефинираат и политички да ја оправдаат разликата помеѓу авторитарните системи што не може да се поправат (па затоа и треба да се срушат) и авторитарните власти што настанале во номинално демократски систем и кои со текот на времето секако ќе паднат, па така системот ќе заздрави сам од себе и нема потреба да се руши однадвор.
Ваквата лудост ја демантираат и самите саудиски пријатели и сојузници, каде што системот и авторитарните водачи се во единство и ништо нема да го промени тоа, дури и доколку некој друг од владејачката династија го замени сегашниот крал или морбидниот принц што владее со Саудиска Арабија и кој во својот истанбулски конзулат го искасапи телото на својот опозициски противник. Се рушат само оние влади што не им одговараат на американските интереси, а диктаторите што во овој момент се во согласност со тие интереси, слободно можат да бидат и човекојадци.
Токму тука лежи вистинската суштина на лицемерниот американски либерален и демократски интервенционизам, кој во различни администрации – и со демократски и со републикански претседатели – неоконите го спроведуваат во дело. Во последниве децении, тие цврсто се вградија во американската администрација, но администрацијата на Трамп претставува најголема пречка што некогаш им застанала на патот. Имено, сѐ до доаѓањето на Трамп, тие непречено дејствуваа и го ширеа своето административно влијание во текот на мандатите на сите претседатели што дојдоа по Роналд Реган.
Уште од самото преземање на должноста, Доналд Трамп претставува пречка за нивната семоќ во американската политика, па упорно го рушат од сите страни, дури и со организација и поддршка на внатрешни бунтови во стилот на револуциите од т.н. Арапска пролет. Сепак, иако успеаја во голема мера да влијаат врз неговите надворешнополитички опции, претседателот, кој одбива да ги испраќа американските војници во геополитички и економски дискутабилни војни низ светот, и понатаму претставува сериозна закана за нив. Оттука, неговиот пораз и победата на слаб кандидат каков што е Џо Бајден, секако би значел ренесанса за неоконите и нивната замисла за светот, но и афирмација на новата американска надворешна политика, пишува во својата анализа за „Геополитика“ Марио Стефанов.
Политиката на неоконите јасно и отворено ја опишува Роберт Каган, коосновач на фамозниот политички институт „Проект за новото американско столетие“ (ПНАЦ), кој ја постави идеолошката основа за американските војни на Блискиот Исток, меѓу кои и инвазијата на Ирак во 2003 година и рушењето на непожелни власти во разни земји низ светот.
Каган е вистински идеолог на неоконите – долгогодишно неформално политичко движење со огромна моќ, одржувано преку влијанието врз американската државна администрација. Неговиот текст за „Форин полиси“, чии извадоци кружат низ медиумскиот простор во последниве неколку месеци, всушност претставува јасна прокламација на новата американска надворешна политика, се разбира, доколку здружените сили на демократите и дел од републиканците успеат да го поразат Доналд Трамп – олицетворение на една абнормална појава во континуитетот на американската надворешна политика. Особено внимание Каган посветува на враќањето на американската политика на европска сцена и јакнењето на американското влијание низ целата територија на Стариот Континент. Тој и неговите идеолошки следбеници на Европа гледаат како на нестабилен геополитички простор, кој сѐ до американското доаѓање и интервенирање бил во постојани војни, во кои повторно ќе западне доколку изостане американското влијание.
(продолжува)