Овој мандат ќе биде посветен кон темелни реформи на целото општество. Свесни сме за предизвиците што ги носи корона-кризата, но, сепак, ќе останеме целосно фокусирани на реформите во правосудството, градењето нова трансформирана економија, ЕУ-интеграцијата, заштитата на животната средина и подобрувањето на животниот стандард на сите категории граѓани во нашата земја, им порача вчера премиерот Зоран Заев на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во Северна Македонија, на средбата во Клубот на пратениците во Скопје.
– Имаме план за отворање 80 отсто поглавја до 2024-та, да доизградиме силна преговарачка структура, со учество на сите чинители, креирање буџетски програми за преговори со ЕУ. Ја зајакнуваме кадровска екипираност и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка за капацитетите за имплементација на ИПА 3 – рече Заев.
Од друга страна, евроамбасадорот Самуел Жбогар, во име на Европската Унија, ги пренесе очекувањата за брзи и квалитетни реформи, но и посочи дека европските партнери на Северна Македонија остануваат доследно посветени на помош за земјата во пребродување на последиците што настанаа од корона-кризата и реформските зафати на новата влада.