Според голем дел од анкетираните, интензитетот и содржините на ветувањата во врска со претстојниот референдум стануваат токму како предизборните, а се обликувани како чиста партиско-политичка кампања за агитација и маркетинг-пропаганда. Политичките аналитичари во врска со ова сметаат дека граѓаните веќе препознаваат оти драстично е истенчена линијата меѓу двата различни облици на јавен настап за кампањи, (предизборни и предреферендумски), кои според начинот на водењето, содржините и целите не би требало воопшто да имаат заеднички точки и именител. Зошто?
Решавање на аерозагадувањето, гасификација за сите, проекти за задржување на младите во земјава, изградба на патишта, училишта, бенефиции за малите бизниси, странски инвестиции и брз економски раст до нови 2.000 вработувања во скоро време…
Ова не се предизборни ветувања туку тоа се главните ветувања во морето ветувања на политичките партии во пресрет на референдумското изјаснување, а не на претстојни избори. Со пропагандата предничат оние субјекти што имаат афирмативен став за одобрување, односно позитивен одговор на референдумското прашање.
Иако сѐ уште не се знае колку средства Владата ќе издвои за референдумот и според кое упатство ќе има медиумско преставување и се разбира, спротивставување на аргументите за и против спогодбата од Нивици, предреферендумските агитирања добиваат акцент, тон и динамика и тоа како – предизборни!? Имено, според голем дел од домашните политички аналитичари, интензитетот и содржините на ветувањата стануваат токму како предизборните, и се обликувани како кампања на агитација и маркетинг-пропаганда.
Оние што се сметаат како добри познавачи на актуелните состојби, велат дека граѓаните веќе препознаваат дека драстично е истенчена линијата меѓу два различни облици на јавен настап за кампањи, кои не би требало воопшто да имаат заеднички точки и именител. Едната, предизборната е класично партиско-политичка пропаганда на одредена интересна група, која сака да дојде на власт и ги ангажира своите ограничени расположливи ресурси за да направи мајоритет во законодавната, односно извршната власт.
Од друга страна, референдумскиот приод е модел што тргнува од најширокиот јавен интерес, нема целна група туку им се обраќа на сите, тој е со посебно и многу повисоко значење и интерес, честопати со силно национално или граѓанско влијание. Заради тоа што како таков, референдумот претставува најзначаен и најширок институт на непосредната демократија, а одлуките што се носат се демократски неприкосновени. Затоа и кампањите во основа се разликуваат.
На пример, според домашните експерти, во Македонија пред избори се ветува сѐ и сешто, но се реализираат само оние проекти на партиите што се или ќе дојдат на власт. Соговорниците се согласни дека ако се земе предвид кампањата што се води во медиумите и ветувањата што ги даваат политичарите, целосно личи на гола предизборна кампања и со самото тоа се девалвира институтот референдум за предизвик, кој е од животна важност за македонскиот народ, граѓаните и за државата.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека референдумската кампања во овој момент не само што личи туку е идентична на изборна, а за таквиот пристап алиби на политичките партии е нејасната препорака на Венецијанската комисија.
– Повеќе од јасно е дека има мешање и на едното и на другото во кампањата за следниот референдум и оваа ситуација тоа не може да се одвои. Препораките од Венецијанската комисија се нејасни за референдумот. Тоа, пак, ѝ дозволува на Владата за референдумот да оформи свој став да објаснува за што станува збор и истиот свој став ѝ го пренесува на јавноста. Но во исто време Владата треба да создаде целосно исти услови за своите противници, како тие преку медиумите ќе го искажат своето мислење за прашањето што на крајот треба да го гласаат самите граѓани – оценува Арсовски.
Според него, правилата на Венецијанската комисија за ваквата проблематика се полиберални и се дозволува всушност да се води вакво информирање на граѓаните за референдумот, кое личи во целост на предизборно.
– Балансот на информирање мора да се обезбеди и за оние што се за спогодбата со Грција, но и за оние што се против неа, односно сите треба да имаат еднаков пристап до медиумите во овој период, а тоа ќе се направи со државни ресурси дури и за оние што мислат дека не треба да гласаат на претстојниот референдум. Ваквата констелација на работите ќе направи појасна слика за граѓаните околу нивните дилеми, а ветувањата на партиите дадени во периодов се сосема легитимни бидејќи тие всушност произлегуваат од нивните информации и предводни анализи околу референдумот – завршува Арсовски.
Повеќето политиколози, вклучувајќи го и политикологот Милан Стефановски, даваат низа примери каде што кампањата за референдум е идентична со една предизборна кампања, но со тоа се деградира значењето на прашањето што треба да го реши референдумот. Ветувањата за подобро утре, повеќе работни места, инвестиции се употребуваат во сите политички кампања, насекаде во светот, но разликата е што кај нас постои разлика меѓу ветеното и оствареното, коментира политикологот Милан Стефановски.
– Почетниот ефект кај јавноста е секако подигање на нивните очекувања и нивна позитивна перцепција на партијата што ветува, сепак, на подолг рок тоа се сведува, односно резултира со резервираност и недоверба – вели Стефановски.
Тој додава дека манипулацијата од страна на властите со бројки и ветувања е исто така широко распространета маркетиншка техника, но има начин на борба против тоа.
– Сѐ се сведува на опозицијата. На крајот на денот останува таа и медиумите да ги деконструираат тие ветувања, доколку се засноваат на манипулација во овој случај дека доколку имаме успешен референдум веднаш ќе влеземе во ЕУ и во НАТО. Меѓутоа сметам дека на голем дел од медиумите им недостигаат независност и истражувачка новинарска практика, а на партиите им недостигаат аналитичка инфраструктура, аналитички центри преку кои би ги демиситифицирале овие ветувања доколку се лажни – резимира Стефановски.
За него незамисливо е во една демократско општество во 2018 година за референдумска кампања да се користат манипулативни популистички методи со кои на граѓаните им се ветуваат вработувања и почист воздух доколку влеземе во НАТО и во ЕУ.
Во меѓувреме Владата на големо собира пари за кампањата што ќе ја води Собранието. Веќе за утре Владата на седница ќе ги дефинира планот и програмата за претстојниот референдум, при што ќе се знае и колку пари ќе се издвојат за кампањата. Владата на последната седница ги задолжи министерствата во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата што ги имаат на располагање и кои може да се пренаменат за кампањата за референдумот. Рокот измина, а од Владата упатуваат до Министерството за финансии околу тоа дали министерствата предложиле одредени суми пари за кампањата.
Од Министерството за финансии, пак, деновиве информираа дека Владата наскоро ќе ги соопшти сите информации поврзани со кампањата.
По обелоденување на планот и програмата на Владата за референдумот, според најавите, набрзо и официјално треба да почне кампањата и официјално.
Прво министерство што пренасочи пари за референдумската кампања беше Министерсковото за одбрана каде што ресорната министерка Радмила Шекеринска изјави дека одбрана ќе издвои речиси еден милион евра за кампањата околу претстојниот референдум.