Слика од полициската станица во Прилеп / Сликата е преземена од oldprilep.com

„..Нашата Македонија е окупирана од германските, италијанските и бугарските војски. Се што е наше ни се претставува како бугарско. Македонците се борат за својата национална и политичка слобода. Некои Македонци врховисти сакаат да кажат оти борбата на Македонците е завршена со окупацијата на Македонија… Дали е тоа вистина. Не е и не може да биде, затоа што Македонија не доби национална и политичка слобода“

„Писмо до Стојан“

Единаесетти октомври 1941 година е пресвртен момент во историјата на македонскиот народ

Непосредно по окупацијата на вардарскиот дел на Македонија од страна на Германија и Италија, како и нивниот сојузник царска Бугарија, тогашниот секретар на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Методија Шаторов познат како Шарло, го објавува легендарниот проглас познат како „Писмо до Стојан“, а всушност се однесувало до целиот македонски народ.
Во него, на многу јасен начин била најавена идната идеолошка борба на Македонците. Меѓу другото, во него се вели: „..Нашата Македонија е окупирана од германските, италијанските и бугарските војски. Се што е наше ни се претставува како бугарско. Македонците се борат за својата национална и политичка слобода. Некои Македонци врховисти сакаат да кажат оти борбата на Македонците е завршена со окупацијата на Македонија… Дали е тоа вистина. Не е и не може да биде, затоа што Македонија не доби национална и политичка слобода“.
Врз основа на оваа политичко-национална платформа започнуваат подготовките за кревање на оруженото востание. На 11 октомври 1941 година, партизанскиот одред „Гоце Делчев“ изврши напад врз полициската станица, затвор и пошта во Прилеп. Со овој чин, започна организираната борба на македонскиот народ, кој со тоа истовремено застана на страната на антифашистичкиот сојуз.
За овој настан, историчарот Рубин Белчевски вели дека првиот востанички истрел не бил само симболичен чин туку и автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција. Според Белчевски: „Со нападот на бугарската полициска станица, на затворот и телефонско-телеграфската мрежа, од страна на прилепските борци бил означен почетокот на првото победничко, на првото ослободително востание“.

Всушност, 11 Октомври како Ден на востанието на македонскиот народ го трасираше патот кон АСНОМ, кога Македонците добија своја сопствена држава и беше остварен вековниот сонот на многу македонски генерации. Затоа во прогласот од 4 август 1944 година се вели дека: „Македонскиот народ во тригодишната војна го оствари националното единство, создаде своја војска и ги удри темелите на федерална Македонија со учество на целиот македонски народ во борбата против фашистичките окупатори.“
Димче Беловски, еден од учесници на Првото заседание на АСНОМ, вели дека Македонците во 1941 година ја прифатија генералната линија за вооружено востание. „Тие го направија тоа во услови на распарченост на земјата и германско-бугарската и италјанско-албанската окупација и наспроти присутноста на огромната воена и полициска окупаторска сила. Тоа е определба од историско и судбинско значење за иднината на македонскиот народ и за неговата вековна борба за национално ослободување и формирање своја држава… Прифаќањето на платформата за вооружено востание сигурно ќе остане како една од најзначајните одредници во модерната историја на македонскиот народ. “
Не случајно, поранешниот претседател Киро Глигоров вели: „Единаесетти октомври 1941 година е пресвртен момент во историјата на македонскиот народ. Востанието израсна врз вековното ослободително движење на македонскиот народ, врз искуствата на Карпошовиот непребол, востаничка Кресна и разловечкиот непребол, Гоцевиот хуманизам, илинденската епопеја и првата република на Балканот – Крушевската, врз социјална и национална разбуденост на македонскиот народ во услови на поробеност и обесправеност.“
Затоа, 11 Октомври вечно ќе биде врежан во меморијата на Македонците и Македонките како ден кога започна реализацијата на македонскиот вековен стремеж за добивање национална и политичка слобода.