Фото: Игор Бансколиев

Додека одредени земји, главно побогатите, планираат да аплицираат и трета доза против ковид-19 кај своето население, од СЗО порачуваат дека приоритет треба да биде првата вакцинација, сѐ додека резервите се ограничени и сѐ додека постои огромен глобален диспаритет во заштитата. Според нив, третата доза во голема мера во овој момент е етички сомнителен чекор, потенцијално опасен и неефикасен начин за борба против пандемијата

СЗО И ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ КАТЕГОРИЧНИ

Светската здравствена организација (СЗО) сака секоја земја до крајот на септември да има вакцинирано барем 10 отсто од своето население. Oрганизацијата повика на мораториум за зајакнување на вакцините против коронавирусот барем до крајот на септември, бидејќи богатите нации се подготвуваат да почнат со администрација на трета доза.
Повикот од шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, би значел дека земјите ќе се откажат од третата доза за да овозможат да се вакцинираат најмалку 10 проценти од населението на секоја земја. Повикот доаѓа кога Израел и Унгарија почнаа да нудат засилувачки вакцини за ризичните групи во нивните земји на почетокот на август. Неколку други држави, исто така, поставија планови за трета доза, вклучувајќи ги Велика Британија и Германија. И двете земји планираат да започнат со третата доза во септември.
Во мај, СЗО повика секоја земја да вакцинира најмалку 10 проценти од своето население до крајот на септември. Но Тедрос кажа дека светот не е на добар пат да ја исполни таа цел.
Земјите со високи примања сега администрираа речиси 100 дози на секои 100 луѓе. Во меѓувреме, земјите со ниски приходи можеа да администрираат само 1,5 доза на секои 100 луѓе, поради недостиг од вакцини – истакна тој.
Kaко што објави „Блумберг“, сѐ поголем број богати земји, вклучувајќи ги и Израел и Германија, сега започнуваат или прават планови за иницијативи за трета доза вакцина на нивното население, во услови ако има докази за намален имунитет кај некои од вакцинираните. Тоа ја натера Светската здравствена организација да повика на мораториум за дополнување на инјекциите до септември или додека сите земји не се вакцинирани најмалку 10 отсто. Во САД, официјално не е дозволена трета доза, но луѓето излегуваат и добиваат сами трета доза. Според СЗО, приоритет треба да биде првата вакцинација, сѐ додека резервите се ограничени и сѐ додека постои огромен глобален диспаритет во заштитата.

Постојните податоци сугерираат дека на огромно мнозинство од оние што се вакцинирани не му треба трета доза. Третата доза во голема мера во овој момент е етички сомнителен чекор, потенцијално опасен и неефикасен начин за борба против пандемијата. Во тоа се согласни и нашите епидемиолози.
Ние треба да го вакцинираме населението со две дози. Опфатот со само една доза на повозрасни од 50 години просечно е околу 50 проценти. Тоа не е ни оддалеку доволно. Има време за трета доза со мРНК-вакцина – вели Даниловски.
Идејата за трета доза е поттикната од ширењето на високопреносливата варијанта на делта и доказите дека ја намалува заштитата од вакцината, која веќе може да опадне со текот на времето. Но дури и ако ефективноста на мРНК-вакцините против симптоматска инфекција со делта е околу 60 отсто, вакцината нуди значителен степен на заштита. И тие се темелат за најважните мерки: заштита од тешки болести, хоспитализација и смрт.


Досега се вакцинирани 533.386 граѓани

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 533.386 граѓани, информира Министерството за здравство.
Прва доза вакцина во еден ден завчера примиле 4.990 граѓани, а завчера вкупно се вакцинирале 13.137 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 958.742 дози вакцини, а ревакцинирани се 425.356 граѓани. Со последните бројки, 65 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 62 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 58 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 48 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина – велат оттаму.
Здравствените власти постојано апелираат на што поголема заинтересираност за вакцинација во периодот што следува.
– Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме негово понатамошно ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта-сојот – посочуваат од Министерството.