Идејата на Албин Курти со Самоопределување да учествува на изборите во Албанија, како и најавите за активирање разгранок на неговата партија и во Македонија „невообичаено“ многу се совпаднаа и со замислите од нонпејперот што словенечкиот премиер Јанез Јанша го испратил до првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, што изминатите денови продолжува да ја бранува јавноста во земјите од Западен Балкан, а во кој се спомнува токму идејата за отцепување на делови од Македонија и од Црна Гора и создавање на таканаречена голема Албанија
Тргнува ли Албин Курти со Самоопределување во создавање
на моделот на државен ентитет предвиден со Призренската лига?
Учеството на партијата Самоопределување на Албин Курти на изборите во Албанија и најавите за активирање разгранок на неговата партија и во Македонија повторно го актуализираат прашањето дали зад тоа се крие конкретен „почеток во политичко-правна обланда на реализацијата на идејата за создавање голема Албанија“?
Во тој контекст, невообичаено многу се совпаѓаат и замислите од нонпејперот што словенечкиот премиер Јанез Јанша, наводно, го испратил до првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој изминатите денови продолжува да ја бранува јавноста во земјите од Западен Балкан, а во кој се спомнува токму идејата за отцепување на делови од Македонија и од Црна Гора и создавање на таканаречена голема Албанија.
Идентичен пример за илустрација на активностите на Курти би било кога австрискиот канцелар Себастијан Курц би се обидел со својата Австриска народна партија да настапи на германските парламентарни избори, што несомнено би предизвикало огромно незадоволство во редовите на владејачките демохристијани, а веројатно уште повеќе во опозициската АфД.
– Таквата идеја за интервенција на Австријците во германската политика е апсурдна – пишува новинарот и публицист Михаел Мартенс во текст објавен во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
Имено, во соседна Албанија на изборите закажани за 25 април учествува и еден разгранок на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Курти. Во Косово, Самоопределување е далеку најсилна политичка сила. Фактот дека оваа партија сега води кампања на изборите во соседната земја, и тоа со подружница со исто име при што и самиот Курти учествувал во тамошната кампања, секако не наидува на воодушевување кај актуелниот албански премиер Еди Рама.
Неоспорно е дека Самоопределување засега не е регистрирано како политичка партија во Албанија, туку настапува како граѓанска иницијатива што ги поддржува независните кандидати на парламентарните избори. Сепак, плановите се ова движење во скоро време да се претвори во партија.
Идентично сценарио Курти најави и за Македонија, односно формирање разгранок што би се вклучил на некои од наредните избори. Не е прецизирано дали ќе се користи албанскиот модел како граѓанско движење или, пак, Самоопределување ќе дејствува како нов политички субјект на македонската политичка сцена, што на некој начин би претставувало директно мешање во внатрешните работи на соседна земја преку креирање политики диктирани од центар надвор од земјава.
Искуствата од минатото покажаа дека и Тирана и Приштина во одреден момент влијаеја врз креирањето на политиките во земјава, директно мешајќи се во внатрешните работи на Македонија.
– Во која мера Самоопределување би можело да биде успешно во соседните земји во голем дел ќе зависи од тоа дали „матичната партија“ на Косово ќе ги исполни огромните очекувања поврзани со Албин Курти. Само ако тој биде успешен на Косово, неговите филијали во Албанија и на други места можат да станат привлечни за граѓаните – вели Ремзи Лани, политиколог од Тирана.
Од друга страна, германскиот новинар Мартенс смета дека се можни дополнителни нестабилности на целиот Балкан од ваквото дејствување на Самоопределување.
– Сосема друга приказна е во која мера тоа би можело да доведе до дополнителна нестабилност на целиот Балкан, доколку програмата на Курти за обединување биде на дофат на рака – пишува Мартенс во текстот во ФАЦ.
Дел од домашната јавност не се согласува со идејата партии од други земји да отвораат разграноци во земјава.
– Доколку таква партија се регистрира тука, државата мора да ја одобри со нејзиниот статут, кој секако не треба да вклучува цели што го загрозуваат Уставот. Сепак и покрај ваквата формална пречка, ризикот дека сецесионистички активности на таквата партија врз основа на регионално обединување на Албанците постои, но државата треба навремено да ги спречи – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Според него, проблемот е што партиите често отстапуваат од ваквата должност поради коалициски калкулации што го турка општеството во меѓуетнички тензии.
– Сè додека партиите не се трансформираат во граѓанска насока, овие ризици ќе постојат и ќе го дефокусираат општеството од важните прашања – истакнува Трошановски.
Поранешниот претседател на македонското собрание и добар познавач на регионалните прилики, Стојан Андов, смета дека Курти не треба да отвора партија во Македонија.
– Не треба да отвора партија во Македонија. Треба да се воздржи од тоа. Тој се обидува некои работи да прави овде, гледам го прави тоа преку Села, но тоа не му чини – вели Андов.
Според него, Курти внел некои новини во политиката што можат да бидат загрижувачки.
– Курти внесе некои нови работи во политиката, кои може да внесат немир во односите. Ова носи штета двострано. Треба да ги продолжи досегашните односи, кои се негуваа меѓу двете земји и пред тој да дојде – нагласува Андов.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека Самоопределување го користи правото на слободно здружување и политичко организирање во Албанија и во Македонија, за да добие гласачи и да биде фактор на влијание и на овие простори.
– За жал, таа практика е проверена на овој трусен балкански простор на отворање партиски филијали. Своевремено ХДЗ имаше своја подружница во БиХ, Социјалистичката партија на Србија исто дејствуваше во БиХ и во Црна Гора, така што овој модел очигледно функционира – вели Андревски.
Тој не отфрла можност зад ваквото формирање партиски филијали во соседните земји да се кријат и поинаква заднина и влијанија.
– Секако дека зад тоа може да има и други идеи, но како и да е, законите не ги спречуваат да се организираат. Има елементи на мешање во внатрешните работи на соседните земји и затоа светот освен право смислил да има и етика. Ова со отворањето партиски разграноци во соседни земји е прашање на етика, но очигледно на овие простори етичноста не функционира – заклучува Андревски.