Иако партиите ветија позитивна и мирна кампања, во меѓувреме, звуците на истрели од огнено оружје се чини стануваат посилни од изборните ветувања. Тоа го потврдува и полицискиот билтен, кој секојдневно се дополнува со нови пријави и поплаки. Од 30 септември досега се пријавени десетина инциденти поврзани со изборите. Некои од нив сѐ уште не се расветлени и сторителите не се изведени пред лицето на правдата. Ако се пука и се поставуваат бомби во ек на кампања, како ли тогаш ќе се слави победата, без разлика чија и да е

СЕРИЈАТА ИНЦИДЕНТИ ВО КАМПАЊАТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ КАКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Во пресрет на очекуваните партиски прослави за победи во изборната трка, без разлика кој од кандидатите и од која партија ќе слави, полицијата и обвинителството сѐ уште работат на расветлување на првичните инциденти поврзани со пукањата на партиски митинзи за време на изборната кампања. Во меѓувреме, во екот на кампањата се случија и редица други немили настани, па дури имаше и подметнување експлозивни направи и бомби кон политичките противници. Сето ова создава сомнеж и стравување дека инцидентите може да продолжат и за вториот круг од изборите, па дури да се пука и во моментот кога ќе бидат познати првичните изборни резултати.
Во своите пишувања на оваа тема, весникот „Нова Македонија“ досега неколкупати информираше, анализираше и предупредуваше за опасностите на ваквите инциденти, кои зачестија во Македонија.
Од друга страна, иако партиите ветија позитивна и мирна кампања, во меѓувреме, звуците на куршумите се чини стануваат посилни од нивните изборни ветувања. Тоа го потврдува и полицискиот билтен, кој секојдневно се дополнува со нови пријави и поплаки. Од 30 септември, па досега се пријавени десетина инциденти поврзани со изборите, а неколкумина од нив се расчистени и се поднесени пријави.
Во меѓувреме, од надлежните институции информираат дека започнале со расветлувања на настаните поврзани со оружените инциденти што се случија за време на локалната кампања во државата.

Од Јавното обвинителство велат дека постапувајќи во рамките на нивните законски задолженија бил оформен предмет по повод случувањата поврзани со пукотниците на партиски митинг.
– Оформен е предмет и по него се постапува, а дополнително Обвинителството веќе поднесе и соодветен поднесок што е доставен до МВР, по кој припадниците на полицијата, по дадена наредба, веќе започнаа истрага за идентификација на лицата што учествувале во инцидентот – велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека настаните поврзани со претстојните локални избори, закажани за 17 октомври 2021 година, се од општ интерес на јавноста.
– Оттука, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе одлука за формирање привремена комисија за следење евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од главата шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите – велат од Обвинителството.
Тие додаваат дека формираната комисија на Јавното обвинителство проактивно ќе ги следи настаните, во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејства и превентивно дејствување.
Јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Џељаљ Бајрами, е определен за претседател на комисијата, а членови се јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство – Скопје.
– Членовите на комисијата, како и вработените вклучени во нејзината работа, на дневна основа ќе ги следат сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејства за утврдување релевантни факти, од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик – се вели во одговорот од Обвинителството.

Од Јавното обвинителство додаваат дека ги повикуваат сите граѓански организации, политичките партии, домашните и меѓународните институции и сите лица што сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок или пријава до комисијата, на електронската адреса што е објавена на нивната интернет-страница.
Од МВР, пак, кратко додаваат дека истрагата е во тек и во моментов припадниците на полицијата постапуваат по случајот, во тесна соработка со Јавното обвинителство.
Инаку, според Кривичниот законик, пукањето на јавно место е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба се движи од 200 до 500 евра, доколку се утврди дека е сторено посериозно кривично дело за „предизвикување општа опасност“, пак, е предвидена и затворска казна од една до пет години.