Мислејќи на неуспехот на Европската Унија за ревидирање на системот за давање азил, францускиот претседател Емануел Макрон се заложи за детална ревизија на шенген-зоната за слободно движење во Европа. Тој најави дека следниот месец ќе ги изнесе своите предлози до Европскиот совет
Макрон: Заедничките граници, шенгенот и Даблинскиот договор повеќе не функционираат
Серијата терористички напади што се случија неодамна во Франција и во Австрија, причинија сериозни размислувања за воведување нови и построги правила за контроли при влез во земјите од шенген-зоната, како дел од пошироките антитерористички мерки во Европската Унија.
Како потврда на таквите размислувања, за обележување е изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој истакна дека по нападите ќе се залага за нови преговори за шенгенскиот простор. Тој инсистира на нов и рестриктивен режим на флуктуација на луѓе и стока, па дури и ако резултатот биде „шенгенски простор со помалку земји-членки“.
Макрон оцени дека „заедничките граници, шенгенот, како и Даблинскиот договор повеќе не функционираат“, мислејќи на неуспехот на Европската Унија да го ревидира системот за давање азил.
Според него, поради поголема безбедност, треба да се разгледа детална ревизија на шенген-зоната за слободно движење во Европа. Следниот месец, најави тој, ќе ги изнесе своите предлози до Европскиот совет.
Макрон, исто така, најави двојно зголемување на силите што ја контролираат француската граница, од 2.400 на 4.800, во рамките на борбата против тероризмот, трговијата со луѓе и илегалната миграција.
– Таква одлука е донесена поради интензивираните закани по неодамнешните напади, вклучувајќи го и нападот во Ница – нагласи францускиот претседател.
Во настојувањето да обезбедиме одговор како ќе се отсликаат овие најави на Македонија и на Балканот, добивме изјава за „Нова Македонија“ од чешкиот универзитетски професор Михаил Вит, кој е безбедносен аналитичар, но и истражувач на работата на Фронтекс. Тој вели дека иницијативата на Макрон, најверојатно ќе го забрза процесот на регистрација на европските граѓани при влез и излез од Унијата.
– Во исто време, најголемиот предизвик во овој момент е размената на информации меѓу ЕУ безбедносните служби и разузнавањето меѓу повеќе земји во Европа и надвор од неа. Патувањата во иднина нема да личат на денешните, односно кога ќе се минува некоја европска граница сѐ ќе биде спроведено низ механизам на дигитална контрола, каде што со сигурност ќе се зголемат електронските безбедносни проверки. Дополнително ќе биде потребно, на пример за земјите од Балканот, а со тоа и за Македонија, да се најават електронски граѓаните дека ќе патуваат кон ЕУ до соодветните надлежни служби на одредени држави каде што ќе престојуваат – вели Вит.
Тој додава дека на долг план, она што го предлага Макрон, а е несакан нуспроизвод на тероризмот, ќе го промени начинот на патувањето и внатре во Унијата да личи на времето пред либерализацијата.
– Сепак, овие иницијативи на Франција, речиси се препознатливи и сега во време кога живееме и патуваме под превез на пандемијата на коронавирусот. Сето тоа резултира одредени земји да ги засилат контролите врз странските граѓани што влегуваат во државата или транзитираат низ неа. Во тој правец, можно е да се очекува дека одредени земји што се блиску во процесот на зачленување, како на пример Србија, дополнително самоиницијативно да ги засилат контролните механизми на границите по новите правила што ги предлага Макрон, дури и пред да станат членки на Унијата. Како простор каде што би можело да се очекува вакво дејствување во иднината, тоа со сигурност би бил проектот познат како мини-шенген, во кој членува и Македонија – резимира Вит.