По предлог од Државниот завод за статистика во нацрт-верзијата на Законот за попис се бара да нема прашање за етничката и за верската припадност, за да се заштити пописот од политизација, туку да има прашање за јазикот, односно за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и за мајчиниот јазик. Овој предлог, од различни мотиви, предизвика негодување во политичките блокови во Македонија
Стандардната цивилизациска практика (и потреба) за попис на населението во државите низ светот, во последниве децении во Македонија предизвикува недоумица дали со нејзиното спроведување ќе бидат решени одредени ситуации во општеството или, пак, ќе генерира нови проблеми, најчесто на меѓуетничка основа. Причината за ваквите недоумици се конкретно поткрепени со прекинатиот попис во 2011 година, кога членовите на Државната изборна комисија дадоа оставки поради несогласување во поглед на примената на методологијата со која се вршеше пописот. Така и сега, во 2018 година, како статистички репер за разни процеси во државава се користат податоците од пописот во 2002 година, иако препораките, односно резолуцијата на Обединетите нации ги задолжува сите земји-членки да спроведат барем еден попис во текот на десет години.
Објавувањето на одлуката на Државниот завод за статистика на Република Македонија да биде извршен попис на населението, во април 2020 година, активира очекувани чувствителни реакции од политичките партии, овој пат предизвикани од предлогот во анкетните прашања да биде изоставена графата за етно-културниот белег на жителите на земјата.
По предлог од Државниот завод за статистика во нацрт-верзијата на законот за попис се бара да нема прашање за етничката и за верската припадност, за пописот да се заштити од политизација, туку да има прашање за јазикот, односно за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и за мајчиниот јазик.
– Податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа стојам на ставот дека тој не треба да биде дел од пописот – изјави при објавувањето на одлуката, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Нацрт-законот за попис најдоцна до понеделник ќе биде ставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ (ЕНЕР) за да се добијат забелешки доколку има по текстот на законот. До крајот на годинава се очекува законот да ја помине владината процедура, а во февруари идната година да биде донесен и од Собранието.
Предвидено е пробен попис да биде спроведен во април 2019 година во 32 пописни подрачја, а ќе бидат опфатени четири пописни кругови во осум региони, ќе бидат опфатени местата: Гостивар, Зелениково, Кисела Вода и во Свети Николе, односно 3.000 домаќинства.
И покрај намерата за деполитизација на пописот и негово спроведување во рамките на дефиницијата како сталинистичка операција, сепак предлогот за изоставувањето на графата за евиденција на етничката припадност предизвика реакции од политичките чинители во земјата. Додека во македонскиот политички корпус изоставувањето на графата за националност се гледа како на вовед во спроведувањето на сѐ уште нератификуваната спогодба од Мала Преспа (т.е. спроведување и на незапишаните одредби) и бришење на македонската нација дури и од пописните документи, во албанскиот политички блок има толкување дека „овој предлог има цел да удри во формата на функционирање на државата и балансот помеѓу етничките заедници во државата“. Очигледно е дека, иако причините се различни, во двата најголеми политички етнички блока во Македонија не се гледа со одобрување на ваквиот предлог-закон за попис на Државниот завод за статистика. Дури сметаат дека со предлогот се загрозуваат некои веќе нивни стекнати политички позиции и права.
– Свесни сме дека процесот на пописот на населението секогаш е не само еден обичен статистички процес во Македонија, но и политички процес заради уставните промени и рамковниот договор, кој ги одредува правата на заедниците во Македонија со процент, користење на јазикот и користење на знамињата на заедниците во оваа држава – реагира на предлогот за исфрлување на етно-културниот елемент во претстојниот попис, пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Според портпаролот на СДСМ, пратеникот Костадин Костадинов, „најлогично е во пописот да биде содржана графата со прашањата за етничка и верска припадност“.
– Малку е веројатно дека пописот во 2020 година ќе се спроведе како професионална статистичка операција, без евидентирање на етничката припадност. Државниот завод за статистика сега само го даде нацртот на предлог-законот за попис, а тој понатаму ќе се разгледува во Владата, па во Собранието, а за него ќе одлучуваат партиите, односно пратениците во парламентот. Според препораките за попис на Обединетите нации, дадени уште во 2015 година (но кои претставуваат и повеќедецениски стандард), етно-културните карактеристики (етничка припадност, религијата и јазикот) се наведени како споредни показатели, кои треба да се добијат на еден попис. Главните показатели (ги има повеќе од 200 прашања со модалитети: како бројната состојба на населението, пол на испитаникот, датум на раѓање…) се оние според кои се вршат споредбите и глобалните планирања. Секако, покрај препораките на ОН, постојат и регионални и државни препораки за пописни прашања, според тоа дали државата или регионот има потреба за одреден податок. Етно-културните белези, иако се споредни, сепак, најголемиот број држави во светот ги забележуваат во пописите. Но постојат и земји, како САД, на пример, каде што како суштествено прашање се поставува државјанството, а не етничката припадност.
Всушност, етничката припадност е предмет на слободно изјаснување на граѓанинот. Тоа и не значи дека се губат македонската, албанската, турската или која било етничка припадност во земјата. Сите сме тука, имаме државјанства, лични документи врз основа на кои може да се утврди состојбата на сите од нас. И оттука не треба да се стравува во однос на граѓаните на РМ, кои живеат тука дека се прави нешто друго – вели демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.