Регионалните лидери и некои од странските експерти во исходот од гласањето препознаа разочараност кај народот од потфрлањето на ЕУ, особено што Македонија поднесе огромна жртва со промената на уставното име токму заради евроинтеграциите. Всушност, тие беа иницијалната каписла за тежиштето на одговорноста за политичката криза во Македонија делумно да се префрли и на Унијата, која, според нив, со својата пасивност и бавност, истото тоа им го прави, низ различни форми и методи, и на другите земји од Западен Балкан
Оставката на македонскиот премиер Зоран Заев, вербално дадена во неговото обраќање веднаш по локалните избори, деновиве изроди еден специфичен семантички приод, при што, меѓу другото, дел од вината за поразот се алоцира и во постапките на ЕУ, која не го испорача она што ѝ го вети на земјава – почеток на пристапните преговори.
Регионалните лидери и некои од странските експерти во исходот од гласањето веднаш препознаа разочараност кај народот од потфрлањето на ЕУ, особено што Македонија поднесе огромна жртва со промената на уставното име токму заради евроинтеграциите.
– Оставката на Заев не е резултат на локалните избори, туку и на неговото лично разочарување од разговорите со ЕУ. Рекоа дека ако го потпише Преспанскиот договор, Северна Македонија ќе добие отворање на преговорите со ЕУ, а не се случи тоа – истакна српскиот претседател Александар Вучиќ.
Со неговата констатација се согласува и политичкиот аналитичар Флоријан Бибер.
– Оставката е поради неуспехот на Европската Унија да испорача почеток на преговорите поради бугарската блокада – напиша Бибер на Твитер.
Според германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, поразот на Заев може да се гледа како пораз на ЕУ и нејзината политика на проширување на Балканот.
Ваквите констатации несомнено се еден вид посочување на одговорноста кон ЕУ, за таа во следниот период добро да размисли како ќе го менаџира процесот на проширување на овие простори, особено со Македонија.
Од друга страна, се создава и перцепција дека евроинтегративните процеси на земјава зависат од еден човек и дека ако него го нема на функција, тогаш земјава ќе почне да се движи во друга насока. ЕУ веќе се огради од ваквата перцепција што се креира во јавноста, со образложение дека за нив е важно само да продолжат реформите. Сличен став искажа и американскиот Стејт департмент.
Несомнено, пораката што ја испратија граѓаните на локалните избори е резултат и на квалитетот на животот што го имаат тука, така што колку што ќе се бара одговорност во ЕУ поради нејзината недоследност и непринципиелност, толку се одговорни и оние што ја водат земјата, бидејќи ниту по три децении не успеаја да ги спроведат неопходните реформи и да обезбедат подобар живот за македонските граѓани.
ЕУ божем индиферентна, бара само реформи
Некои од аналитичарите сметаат дека ЕУ не е многу засегната од оставката на премиерот и не очекуваат дека тоа би го мотивирало Брисел набрзина да го одблокира пристапниот процес на земјава.
– Ако Заев се надевал дека со оставката ќе направи некаков притисок врз Брисел, тоа е смешно. Едноставно, не верувам дека ќе помине такво нешто, особено сега, кога во Германија се прави влада, францускиот претседател Макрон наскоро оди на избори, така што апсурдно е да се говори за такво нешто – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Тој не се согласува ниту со наметнатиот дискурс кај дел од јавноста дека евроинтеграциите на земјава зависат само од еден човек и дека ако тој си замине, пристапувањето кон ЕУ ќе запре.
– Сите тие приказни се еднакво вештачки како што е вештачка придавката што ѝ ја измислија на Македонија. Тоа се измислени приказни на една група луѓе што профитираат од тоа и кои, за жал, успеваат да најдат пазар за тие приказни во некои земји, но таквите приказни не поминуваат кај оние што носат одлуки – категоричен е Боцевски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека оставката на премиерот може да биде мал импулс за мотивирање на Брисел, но не ја смета за клучна.
– Треба да бидеме свесни дека Брисел ги знае темите што ги поставил пред нас, што е одговорено, што не е одговорено, така што оставката може да биде само еден мал импулс. Се покажа дека ЕУ е една бавна организација и недоволно заинтересирана за помалку стратегиските земји, како што е Македонија. Тешко е да се изврши притисок врз ЕУ, а, впрочем, и последните сигнали што доаѓаат од Бугарија не се охрабрувачки – вели Андревски.
Според него, политичкиот дискурс во земјава останува на определбата за полноправно членство во ЕУ и смета дека сите политички субјекти, со исклучок на некои помали, остануваат на оваа определба и тој процес, дали побавно или побрзо, ќе продолжи и во иднина.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, дел од вината лоцира кај ЕУ.
– Веројатно притоа повиновна е самата Европска Унија, но без разлика – ефектот е дека не се започнати преговорите, ниту е определен фамозниот „датум“ за тоа, а гласачите очигледно го оценија тоа како пропуст на оваа владина гарнитура да го испорача тоа (или, пак, (не)способност да се предвиди таков исход, кога се даваше ветувањето). Тоа комбинирано се превисоката цена на Преспанскиот договор резултира во ваков дебакл на изборите – истакнува Кржаловски.
За него нема никаква дилема дека процесот на евроинтеграции не смее да се поврзува само со еден човек и дека патот кон ЕУ ќе продолжи и без Заев.
– Процесот ќе продолжи и со и без него. Тоа не зависи од еден човек, колку и да е тој посветен и кооперативен да се постигне напредок и да се најдат решенија. Времето покажа дека и со таквиот приод и неверојатна попустливост (а во голема мера на штета на нашите национални интереси), повторно останавме „со празни раце“, па прашање е дали кој било следен премиер воопшто и ќе стигне до решение и ЕУ-членство. А прашање за сите нас е и дали тоа е воопшто можно и крајно време е да си поразговараме самите за алтернативите на членството во ЕУ – констатира Кржаловски.