Најновите истражувања и анкети на јавното мислење покажуваат дека осум од десет лица имаат исклучително негативно мислење и недоверба во политичарите, без разлика дали тие се од власта или од опозицијата. Кои се причините за ваквите трендови и како во иднина ќе се решаваат суштински прашања важни за иднината
на државата ако, генерално, кон професијата политичар големо мнозинство граѓани гледаат со недоверба
Загрижувачки тренд на македонската политичка сцена
Политичката апатија што го зафати општеството почна поинтензивно да се манифестира со низок одзив на секои избори, што говори за фактот дека македонските граѓани сѐ помалку им веруваат на политичарите, а уште помалку во нив препознаваат вистински лидери што би можеле да ја поведат државата напред и на кои можат безрезервно да им веруваат.
Таквата недоверба се продлабочува од година на година, бидејќи на политичката сцена повеќе нема вистински лидери, широкоприфатени од народот, туку политиканти што на гласачите им ветуваат само некои квазипредлози или ад хок решенија, наместо да излезат со долгорочна визија и стратегија како да се придвижат работите напред, за благосостојба на граѓаните и просперитет на државата во целина.
Таквите политики, несомнено, граѓаните ги препознаваат и затоа сѐ помалку веруваат дека некој политичар искрено се бори за нивните и интересите на државата, туку се убедени дека тој работи само за личен и партиски интерес.
Најдобра потврда за ваквата констатација се резултатите од неодамнешното истражување на Институтот за демократија и Претседателскиот центар за политичко образование, кои покажуваат дека осум од десет лица имаат исклучително негативно и недоверливо мислење за политичарите.
Сега дилемата што се наметнува е како некој политичар, од власта или опозицијата, ќе решава суштински прашања важни за иднината на државата ако, генерално, кон професијата политичар големо мнозинството граѓани гледаат со недоверба. Пред земјава се испречени тешки разговори со соседна Бугарија, евентуални преговори со ЕУ, сериозна енергетска и економска криза, така што повеќе од јасно е дека се потребни политичари и лидери од висок профил, со знаење, интегритет, способни и конкурентни политичари, без дамки во кариерата, на кои народот ќе им верува и кои ќе носат одлуки во интерес на граѓаните и на државата.
Ако кај граѓаните не постои една таква релација на доверба, како што сега покажуваат анкетите, тогаш секоја одлука што ќе ја донесат политичарите во суштина може да се протолкува како индивидуална, а не како стратегиска одлука зад која застанало целото општество.Такви примери каде што голем дел граѓани имаа спротивно мислење од политичарите има доста во минатото, но цехот за таквите политички пропусти потоа го плаќаме сите.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека изминатите три децении се потврдило дека политичарите воопшто не се загрижени дали ја уживаат довербата на граѓаните.
– Политичарите многу лесно носат одлуки и воопшто не се грижат дали некој им верува или не. Единствено што ним им е важно е да ја запоседнат власта и потоа од таа перспектива да си го гледаат само партискиот или личниот интерес, во најголем дел личниот интерес. Тоа граѓаните го препознаа и затоа таа недоверба кон политичарите само се продлабочува и не треба никого да изненадува – вели Пекевски.
Според него, досега се покажало дека политичарите не размислуваат за народот и за интересите на државата.
– Генерално, политичарите носат одлуки што ним во моментот би им донеле некаква бенефиција. Тоа им е основната водилка. Воопшто не се мисли на интересот на народот и на државата, и тоа за овие 30 години најдобро се покажа. Растечката недоверба на граѓаните кон политичарите е резултат на тие процеси – заклучува Пекевски.
И за Јован Близнаковски од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје нема дилема дека политичарите се грижат само за сопствените интереси и тоа резултира со негативниот став на граѓаните кон нив.
– Ставот на граѓаните кон политичките елити е многу негативен. Граѓаните ги гледаат политичарите како корумпирани, кои се грижат само за себе и го изневеруваат народот. Постои нагласена недоверба кон демократските институции и правила на играта, како и разбирање на политиката како борба на народот наспроти елитите – додава Близнаковски.