Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница донесе одлука за разрешување на потпретседателот на партијата Митко Јанчев и членот на ИК Константин Богданов, како и за исклучување на Сашо Мијалков, Никола Тодоров и на пратениците кои гласаа за уставните измени да ги вратат мандатите.
– На иницијатива на Христијан Мицкоски беше разгледан предлог кој тој го даде за одржување вонреден конгрес за гласање доверба за претседателот на партијата. Претседателот на партијата не присуствуваше на седницата и ЦК едногласно одлучи да го одбие овој предлог и смета дека партијата нема потреба да одржи вонреден конрес – посочи Николовски.
Посочи дека со оваа седницата на ЦК повеќе ништо нема да биде исто во ВМРО-ДПМНЕ, дека партијата завршува со хипотеките од минатото и продолжува напред силно и реформирано кон индината на Македонија.
– Заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна сорабока со Зоран Заев како и организирање група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со цел да гласаат за уставни измени, ЦК го разреши потпретседателот на партијата Митко Јанчев и тоа го направи со тајно гласање, при што резултатот беше едногласен, изјави Александар Николовски потпретседател на ВМРО–ДПМНЕ, по завршување на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Николовски рече дека Константин Богданов е разрешен поради истите причини, а од месните комитети е побарано и да се поведе дисциплинска постапка против Сашо Мијалков и Никола Тодоров, за нивно исклучување од партијата.
– Сакаме да ја честитаме новата коалиција во Република Македонија. Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков, изјави Николовски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара од осумте пратеници кои гласаа „за“ уставните измени да поднесат оставки од своите позиции, бидејќи работат спротивно на волјата на граѓаните.
– ЦК на ВМРО-ДПМНЕ го повикува Јавното обвинителство да ги истражи наводите за притисоци и уцени. За среќа ВМРО-ДПМНЕ има механизам да се прочисти и јасно да чекори напред, заклучи Николовски.
Николовски рече дека дека ВМРО-ДПМНЕ одржала историска седница на ЦК на партијата.
– ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам изграден во партијата, што секогаш успева да ја прочисти партијата, да го исчисти она што е лошо и јасно да го избристи доброто. Повторно да се врати на идеалите и на корените и да се погледне во очи со македонскиот народ, рече Николовски.