Функционалната правна држава е основен услов за опстанок на поредокот и неговиот одржлив развој. Реформите во сферата на владеењето на правото и правната држава не треба да ги правиме за да ги задоволиме формалните критериуми за членство во ЕУ, туку за да ја вратиме довербата на граѓаните во сопствената држава и нејзините институции, истакна претседателот Стево Пендаровски на дебата на тема „Тековни состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“, што на заедничка иницијатива на министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, и претседателот Пендаровски се одржа во „Вила Водно“.
На дебатата учествуваа претставници на државните власти, на правосудните органи и претставници на надлежни институции во оваа област. Се дискутираше за тековните реформи во сферата на функционирањето на правната држава, вклучувајќи ги судските реформи, борбата против корупцијата, а во согласност со дефинираните стратешки приоритети во рамките на евроинтегративниот процес на Македонија.
Претседателот изрази поддршка, но и барање од институциите неселективно да се борат против корупцијата, а особено против високата корупција.
-Сметам дека корупцијата кај политичарите треба построго да се казнува бидејќи вршењето јавна функција носи посебна одговорност, а државната власт и ресурсите треба да се користат исклучиво за јавниот интерес, а не за остварувањето на партикуларни или лични интереси – истакна Претседателот.
Претседателот Пендаровски се осврна и на случајот „Рекет“ за што подвлече дека во очите на многумина ги дискредитирал напорите за обнова на правната држава по клептократскиот систем воспоставен од поранешната влада, додека за случаите врз коишто работеше поранешното Специјално јавно обвинителство, оцени дека е позитивно што се активни и продолжуваат да се процесуираат од редовното Јавно обвинителство. Во тој контекст, претседателот подвлече дека е важно да не се дозволи преку застарување да се случи „скриена амнестија“ на сторителите на тешки кривични дела поврзани со високата корупција.
Претседателот Пендаровски побара новиот Закон за јавно обвинителство да биде изработен според највисоките европски стандарди, образложувајќи дека е подобро темелно да се изработи, отколку да се брза и преку непринципиелни политички компромиси да се компромитира борбата со високата корупција. Тој ги поздрави носењето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси и транспарентноста на постапката со којашто се конституираше новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, изразувајќи очекување за активна и неселективна работа на Комисијата, врз основа на законите и заснована врз докази.
Пендаровски повика интензивно да се користи експертската помош што ја нуди Германија во делот на реформите во сферата на правната држава, како преку проекти финансирани од ЕУ, така и преку билатералната соработка.
Министерот Мас посочи дека Германија ќе продолжи видливо да ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија, бидејќи, нагласи, тоа е вистинскиот пат.
На дебатата, покрај претседателот Пендаровски и министерот Мас, учествуваа министерката за правда, Рената Дескоска, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, јавниот обвинител Љубомир Јовески, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.