Ако не добиеме покана за членство во НАТО, наш предизвик во следниот период, наспроти нечии катастрофични предвидувања, нема да биде сочувување на територијалниот интегритет и суверенитет, бидејќи такви закани нема, туку развојот на демократските институции и економијата, истакна Стево Пендаровски, национален координатор за членство во НАТО на денешната дебата „Предизвиците на Македонија пред Самитот на НАТО во 2018“.
Според него, важно е фокусирањето врз економскиот развој, особено од аспект на странските инвестиции, кои објективно многу полесно доаѓаат, особено во земји кои се дел од еден широк и стабилен безбедносен режим.
Пендаровски нагласи дека негова основна теза е оти нашите предизвици се многу специфични. Компарирано со другите земји аспиранти, ниту една друга земја нема сличен проблем.
Горан Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје, посочи дека вратите на Алијансата остануваат отворени.
– Во овој тежок потфат ќе ја добиете секоја поддршка која НАТО може да ви ја даде. НАТО сака да ја види вашата земја како ги постигнува своите аспирации и како успешно се интегрира за стабилна, сигурна и демократски просперитетна земја – рече Бартол.