Ставот на јавноста и на политичките аналитичари е дека смената на речиси целото партиско раководство на СДСМ ќе биде само популистички потег, доколку тоа не се рефлектира со промени на државните функции
Неколку дена по големото, таканаречено генерално чистење во редовите на владејачкиот СДСМ, очекувањата на јавноста и на политичките аналитичари се дека тоа треба да биде само најава за вистинското прераспоредување на државно ниво, односно во Владата, јавните претпријатија, агенциите… Ставот на јавноста и на политичките аналитичари е дека смената на речиси целото партиско раководство, кога изминатиот викенд беа разрешени целиот извршен одбор на СДСМ, сите шестмина потпретседатели на партијата, тројцата секретари и координаторката на Форумот на жени, ќе биде само популистички потег, доколку тоа не се рефлектира со промени во владината структура. Најавите на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, се дека промените во Владата ќе се случат во почетокот од јуни, но и дека не гледа причина тој да поднесе оставка на премиерската функција.
– Ќе има промена на министерските позиции, заменик-министри и други функционери во Владата, како и директори на ЈП, агенции, АД во државна сопственост, секаде каде што буквално нема резултат, односно се покажала ароганција, се немало доблест, се намало демократски капацитет, успешност, ќе се случат промени. Ќе бидат, исто така, сериозни какви што се овде во политичката партија, бидејќи само така е во ред – рече Заев.
Во контекст на радикалните промени во структурите на владејачката партија, поранешната пратеничка и претседателка на скопската организација на СДСМ, Софија Куновска, вели дека промените на Бихаќска може да бидат корисни доколку се темелат на принципи, но се сомнева дека тоа е случај сега, иако ќе ѝ биде драго ако времето ја демантира.
Истото тоа го заклучуваат и политичките аналитичари, кои велат дека внатрепартиските промени се полесниот дел од исполнувањето на ветувањето што го даде премиерот меѓу двата круга на претседателските избори, кога кажа дека ја сфатил пораката на незадоволство од граѓаните, кои не излегоа на гласање во првиот круг, ставајќи ги во опасност исполнувањето на цензусот и успешноста на претседателските избори.
Најавата за реконструкција на Владата, како продолжение на партиското преструктурирање, ги отвора шпекулациите во јавноста за можните потези на премиерот. Во своите досегашни изјави тој се воздржува од именување на функционерите што ќе бидат сменети, ниту пак сака јавно да оперира со бројки на тие што се во опција за реконструкција. Но доколку дојде до смена на поголем број министри, тоа ќе значи целосен реизбор на Владата, бидејќи веќе ќе биде исполнет условот за промена на најмалку една третина од владините министри. Оваа операција, според Уставот, ќе мора да помине и во Собранието со гласање доверба, односно со добивање апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник.
– Бројката не ја кажувам. Имајќи предвид дека досега се променети шест министри – за култура, правда, образование и тројца без ресор, јас сум блиску до вкупната бројка од една третина. Што значи првпат во јавноста се отвора дебата дека ќе одиме со избор на влада, зашто ако сменам само двајца или повеќе од двајца го исполнувам лимитот од најмалку една третина за да има реконструкција на влада. Тоа е советот од министерката за правда и од правници со кои разговаравме, што значи ќе има повеќе од тројца и во такви околности, секако, ќе ги соопштиме навреме кога ќе ги донесеме сите одлуки – рече премиерот Заев.
Сепак, тоа не ја спречува јавноста да ги предвидува постапките и решенијата на премиерот. Како министри на СДСМ што може да бидат разрешени најмногу се споменуваат имињата на Дамјан Манчевски задолжен за администрацијата, Венко Филипче од здравството, Горан Сугаревски, кој го води ресорот транспорт и врски, а помалку поштедени не би требало да бидат ниту економските ресори, иако според досегашните прогнози на внатрепартиски извори поблиску до разрешување е министерот за финансии Драган Тевдовски, отколку вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Засега е јасно дека Љупчо Николовски нема веќе да биде министер за земјоделство, бидејќи од партиската „чистка“, тој излезе како нов генерален секретар на партијата. Од разрешените партиски функционери министер е Оливер Спасовски, кој ја загуби функцијата потпретседател на партијата, но и понатаму е неизвесно дали ќе биде зафатен и со владината реконструкција. Другите разрешени потпретседатели како Шилегов, Бочварски, Зеќири, Ременска и Кирацовски се во локалната, односно законодавната власта, од каде што единствено може самите да поднесат оставки. Разрешувања се очекуваат и во ресорите што ги водат коалициските владини партнери, но за тоа се потребни консултации на премиерот со лидерот на коалициската ДУИ, Али Ахмети, како и со Африм Гаши од Алтернатива и со Мендух Тачи од ДПА.
– Преговорите течат, но повеќе станува збор за споделување меѓусебни мислења во кои ресори треба да има подобрување или зајакнување на капацитетите – оцени министерот за економија, Крешник Бектеши, од редовите на ДУИ.
Бектеши верува дека сите промени ќе бидат во духот на зајакнување на капацитетите на институциите за да се испорачаат што подобри резултати, кои ќе бидат во корист на граѓаните, но и за да се додаде нова позитивна енергија во некој ресор во кој во минатото не се покажале добри резултати.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се појавија реакции кај дел од граѓаните, во смисла на прашањето – како функционери, кои не се достојни за лидерски позиции во сопствената партија, остануваат на челни функции во Владата.