Највисокиот законодавен дом речиси еден месец не работи и покрај тоа што земјата се соочува со голем број предизвици на сите полиња. Народните избраници своеволно отсуствуваат од работа, девалвирајќи ја на тој начин улогата на парламентот, но и сопствената позиција и задача што им е доверена од граѓаните. Иако минатата година се одржаа парламентарни избори среде пандемија токму поради потребата земјата да има функционални институции за време на здравствена криза, сега повторно Собранието не е функционално и не работи само поради политички калкулации и партиски пресметки
СИЛНИ СИМПТОМИ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНА СЛАБОСТ И ВО ЗАКОНОДАВНИОТ ДОМ
Речиси еден месец пратениците во македонското собрание не можат да се соберат да одржат седница поради што целосно е блокирано носењето на повеќе закони и одлуки важни за иднината на државата, иако за тоа земаат плата од парите на граѓаните.
Исклучок беше седницата минатиот четврток на која се поставуваа пратенички прашања и на која во најголем дел времето се искористи за префрлање на вината меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Токму заради потребата земјата да има функционални институции за време на здравствена криза, минатото лето се одржаа парламентарни избори, но сега повторно граѓаните иако си го изложија на ризик сопственото здравје, добија нефункционално собрание само поради политички калкулации и партиски пресметки.
Владејачката коалиција почна да се раситнува и да ја напуштаат помалите партии, кои најавија самостојно дејствување, фракции и поделби се појавија и во албанскиот коалициски партнер во власта, ДУИ, а целата ситуација ја користи опозициската ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека власта е таа што треба да обезбеди мнозинство.
Собранието беше конституирано на 4 август минатата година, но случаите со ковид-19 меѓу пратениците, коалициските пазарења и превирања, како и тенкото мнозинство придонесоа тоа да биде најмалку продуктивно од почетокот на мандатот.
Потврда дека работата на Собранието е блокирана стигна и од спикерот Талат Џафери, кој ги потсети пратениците дека нивна обврска е да доаѓаат на работа.
– Не е моја работа да обезбедувам кворум, пратениците имаат обврска да дојдат на работа. Сите ние баравме и добивме мандат од граѓаните. Впрочем, пратеничката функција се извршува професионално и тие за тоа земаат плата – порача Џафери.
Од друга страна, Македонија се надева на почеток на пристапните преговори со ЕУ, но во суштина нема парламентарен капацитет да ги протурка и најобичните закони, а не, пак, реформските на кои особено инсистира Европа.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме велат дека должност на пратениците е да се учествуваат во работата на Собранието бидејќи за тоа се платени од народот, а не да калкулираат дали ќе се појават на седница или не.
– Треба да се донесе закон во кој пратениците нема да можат да калкулираат дали ќе има или ќе нема кворуми, туку ќе бидат обврзани да бидат на своето работно место. Тие се должни да бидат на работа и нивното работно место е или во комисија, или во пратеничка клупа. Замислете што ќе им се случи на обичните граѓани ако еден месец не одат на работа, како што прават пратениците, само затоа што, еве, да речеме, не им се допаѓал шефот – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Тој додава дека пратениците земаат плата од буџетот и опозицијата не треба да ја наметнува тезата дека власта е таа што треба да го обезбеди кворумот.
– Таквите повици треба да бидат кривично гонети, не прекршочно затоа што тоа е свесно и намерно опструирање на работата. Во која било фирма ако свесно ја опструираш работата ќе бидеш или избркан, или казнет, или, пак, кривично гонет. Не е Собранието ниту на СДСМ, ниту на ДУИ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците земаат плата од буџетот и има да седат таму колку што треба и да работат во интерес на граѓаните – порачува Пекевски.
Со сличен став е и универзитетскиот професор Борче Давитковски, според кого, она што го прават пратениците е злоупотреба на правото и мајтапење со граѓаните.
– Постојано повторувам дека ова е злоупотреба на правото. Пратениците си играат мајтап со нас граѓаните. Ние сите сме ги избирале, без оглед дали се позиција или опозиција, но тие играат мајтап со нас. Земаат огромни пари и калкулираат со некакви шеми постојано, кој ќе биде,кој нема да биде, кој ќе влезе на седница, кој нема да влезе, а ја забораваат својата основна функција дека се избрани од граѓаните. Најмалку водат сметка за граѓаните – вели Давитковски.
Тој додава дека кога ќе дојдат избори, македонската јавност треба добро да помисли дали ќе гласа за овие две опции што 30 години се менуваат на македонската политичка сцена.
– Ова веќе е карикатура од Собрание. Цели 30 години пратениците се само продолжена рака на извршната власт, но ова што сега се случува е скандалозно. Во Собранието чекаат закони и пакет мерки што се однесуваат на луѓе погодени од пандемијата, а пратениците си тераат мајтап, се расправаат, мислам дека веќе е дегутантно да се коментира нивната работа – истакнува Давитковски.
Според него, единствено решение за дисциплинирање на пратениците е нивно законско санкционирање.
– Конечно треба како во некои западноевропски земји и кај нас да се донесе закон за злоупотреба на правото и едноставно и пратениците што го злоупотребуваат правото, односно не доаѓаат на седници или се несериозни, утре и кривично да одговараат. Нема друг начин, само така ќе ги дисциплинираме – порачува професорот Давитковски.