Десетици ексклузивни документи од архивите во Москва потврдуваат дека Павел Шатев дејствувал на територијата на Бугарија како еден од двајцата раководители на разузнавачки групи. Имено, и тогаш, а и сега од историчарите и аналитичарите недвосмислен е заклучокот дека Бугарија испраќа окупациска војска во Егејска Македонија. Затоа, не може никако да биде точна тезата на Софија дека во исто време испраќа ослободителна војска (?!) во Вардарска Македонија! Или, можеби, Бугарија имала две војски! Една за окупирање, а друга за ослободување!. Во моментот кога засегнатата официјална Софија ќе се соочи со овој историски факт и ќе се извини за тоа, тогаш може да се отвори и новата, вистинска страница на добрососедските односи

Сведоштва и записи од историските архиви

Десетици ексклузивни документи од архивите во Москва потврдуваат дека Павел Шатев дејствувал на територијата на Бугарија како еден од двајцата раководители на разузнавачки групи. Со едната група раководел А. Пеев, псевдоним Боевој, а со другата П. Шатев, чиј псевдоним бил Коста. Нивните извештаи, како што се наведува во документот, предизвикувале голем интерес во советската разузнавачка служба. Исклучително е интересна информацијата содржана во ексклузивниот материјал на Жорес и Рој А. Медведев, советски интелектуалци, научници и автори на книгата за непознатиот Сталин. Имено, за Павел Шатев стои забележано дека тој од Софија, на „20 јуни дојавил дека нападот на Германија на СССР ќе се случи на 21 односно 22 јуни 1941 година!“. Истиот ден пристигнал и радиограм од Зорге, со предупредување дека „војната не може да се избегне“. Како дознал Шатев за нападот, успевајќи да ја достави информацијата до Кремљ неколку часа пред радиограмот на Зорге, една од најголемите разузнавачки легенди во светската историја?

Шатев ја ставил на штрек противавионската одбрана на Москва!

Како што е познато, Хитлер го одобрил планот за војна со Русија на 18 декември 1940 година, нарекувајќи го „Операција Барбароса“, според германскиот крал од 12 век, император на Светото Римско Царство. Датумот за инвазија бил фиксиран на 15 мај 1941 година, но во јануари 1941 година, значи само еден месец по одобрувањето од страна на Хитлер, Сталин веќе бил запознаен со основните детали на планот, благодарение на прецизните извештаи што ги добивал од советската разузнавачка служба. Еден од разузнавачите што испраќале најточни и најрелевантни информации бил Павел Шатев, ангажиран од военото аташе во Софија, Бенедиктов, и мајорот на НКВД, Савченко. Во јануари во разузнавачките кругови веќе се зборувало за некаков „работен датум“ за почеток на германскиот напад на СССР, но никој со сигурност не можел да потврди дали нападот навистина ќе се случи на 21 односно 22 јуни.

Во согласност со наредбата добиена од Високата команда на 10 јуни до копнените сили на Германија, „во 13 часот, на 21 јуни, војската ќе добие еден од двата сигнала: или ’Дортмунд’, што значи почеток на офанзивата на 21 јуни, како што било планирано, или ’Алтона’, што значи одложување. Во 13 часот, на 21 јуни, значи токму на датумот што го јавил Шатев, единиците на Вармахтот го добиле сигналот ’Дортмунд’“. Истиот ден Хитлер го информирал Мусолини за претстојната акција против СССР.
По добивањето на дојавата од Шатев, а веднаш потоа истата таа потврдена и од други извори, меѓу кои и од Зорге, Сталин му телефонирал на командантот на московската воена област, со наредба да ја стави во состојба на готовност противавионската одбрана на Москва. Во меѓувреме, персоналот на германската амбасада во Москва ги горел документите во дворот, но и во камините внатре во резиденцијата, а облаци од чад се кревале во небото. Во врска со ваквите активности во германската амбасада, Сталин бил информиран и од разузнавачките служби и од московската противпожарна бригада. Според книгата на посети што се водела во претседателскиот кабинет во Кремљ, дента кога започнала војната со Германија, во кабинетот на Сталин први, во 5.45 часот, пристигнале Молотов, Берија, Тимошенко, Мехлис и Жуков, а два часа подоцна на оваа група ѝ се придружиле Маленков, Микојан, Каганович, Ворошилов и Вишински. Средбите продолжиле во текот на следните 11 часа, а биле издадени повеќе од 20 различни декрети и наредби, меѓу кои и апел до советскиот народ, направен колективно и читан на радиото од страна на Молотов. Во архивата на Сталин се зачувале и одредени траги за тоа дека во годините на Втората светска војна, Павел Шатев бил активно вклучен во разузнавачката дејност на советското воено разузнавање. Во книгата „Империјата ГРУ“ од Александар Колпаки и Димитри Прохоров, не само што стои дека Шатев редовно доставувал информации до Сталин туку како прилог е објавен и еден шпионски извештај, потпишан со неговото кодно име Коста.

Улогата на Павел Шатев во демаскирањето на бугарските фашистички окупациски сили

Како изгледале извештаите што Павел Шатев ги доставувал до советската разузнавачка служба? Според документи зачувани во архивите во Москва, Павел Шатев дејствувал на територијата на Бугарија, а неговите извештаи предизвикувале голем интерес во советската разузнавачка служба. Така, под кодното име Коста, на 15 мај 1941 година од Софија до началникот за разузнавање во Генералштабот на „Црвената армија“ испратил строго доверлива дојава дека 12-та германска армија започнала враќање од Грција, преку Софија, кон Романија: „Во документите на железницата, подготвени од пограничните власти во Добруџа, стои дека армијата се повлекува кон Германија, но, всушност, оваа германска армија оди во Романија. Според сведоштво добиено од командантот на градот Стара Загора, таму веќе се подготвуваат објекти за престој на нови трупи на германската армија. На 20 мај одредени бугарски воени трупи ќе бидат испратени во Грција како окупациска војска! Од 10 мај се повикуваат назад во армијата војниците што имаат добиено 15-дневен отпуст.“

Токму тука е клучната белешка во која прецизно е дефиниран терминот „окупациска војска“!
Имено, и тогаш, а и сега од историчарите и аналитичарите недвосмислен е заклучокот дека Бугарија испраќа окупациска војска во Егејска Македонија. Затоа, не може никако да биде точна тезата на Софија дека во исто време испраќа ослободителна војска (?!) во Вардарска Македонија! Или, можеби, Бугарија имала две војски! Една за окупирање, а друга за ослободување!
Шегата настрана, историските факти треба да се читаат и толкуваат токму онака како што била и тогашната фактичка состојба. Во моментот кога засегнатата официјална Софија ќе се соочи со овој историски факт и ќе се извини за тоа, тогаш може да се отвори и новата, вистинска страница на добрососедските односи. Со сите соседи на Бугарија, вклучувајќи ја и Македонија.


Шатев ја потврдува соработката со советската разузнавачка служба

Самиот Шатев, според записникот од сослушувањето во УДБА за Македонија во Скопје, по неговото апсење, на 16 јуни 1949 година, „како непријател на државата“, меѓу другото потврдува дека активно соработувал со советската разузнавачка служба.
„Во 1940 година, како потпретседател на Друштвото на публицистите, бев повикан на еден прием во советската амбасада (во Софија.н.з.) и таму се запознав со военото аташе Бенедиктов. По 1-2 месеца, Бенедиктов дојде во мојот стан и ми рече дека му е познато моето минато и ме замоли да му бидам на услуга. Јас му се ставив на располагање. Малку подоцна доведе еден млад човек – Савченко, кој по ослободувањето беше во Софија и во Скопје, мајор на НКВД, и ми нагласи дека врска ќе одржувам со Савченко. Веднаш ми поставија задача да им пронајдам и доставам една поголема карта на Бугарија, која ја пронајдов и им ја доставив. Кога им ја доставив картата, ми поставија задача да им набавам и карта на Југославија. Во меѓувреме ме запознаа со полковник Дегачев. Не мина долго време, почнаа да ме обучуваат како да ги шифрирам податоците што подоцна ќе им ги доставувам ним и ме поврзаа со Димитар Арнаудов, радиотелеграфист. Потоа собраните податоци шифрирани му ги доставував на Арнаудов. Податоците беа од политичко-економски и воен карактер. Така работев сѐ до моето апсење во 1942 година“, изјавува Шатев пред истражителите на УДБА, додавајќи дека веќе следната година, значи во почетокот на 1941 година, добил задача да префрли една радиостаница во Солун и да се поврзе со Белград, но не успеал во тоа.
„По ослободувањето, се вратив во Софија да го посетам семејството. Во таа пригода навратив во советската амбасада во Софија, за да го посетам мајорот Савченко. Во првата половина на 1945 година, Савченко дојде во Скопје. Јас тогаш бев министер за правосудство во Владата на НР Македонија. На моето прашање зошто дошол, тој ми одговори дека дошол службено во советската воена мисија и побара да го запознаам со претседателот на Владата, Лазар Колишевски. Потоа од мене побара 2-3 лица што би можеле да дејствуваат во правец на откривање англиски агенти. Јас му го предложив Крум Ефремов-Муркин, кој за време на војната имал контакти со видни личности на Интелиџенс сервис во Цариград…“

Пишува: Блаже Миневски