Првото искуство со примената на новата технологија на изборите не беше најдобро, со
оглед на многубројните проблеми што се појавија во текот на гласањето. Кои се причините за ваквите пропусти, почнувајќи од непрепознавањето на отпечатокот на некои од гласачите, бавната процедура на гласање, старата база на отпечатоци, недоволната обука итн., и како да се отстранат пред вториот круг на изборите
Новата технологија во гласањето ги покажа предностите, но и маните
Во Македонија првпат, по барање на опозицијата, се спроведоа избори на кои беше употребен апарат за биометриско идентификување на гласачите, попознат како „фингерпринт“, со единствена цел да се отстрани недовербата во избирачкиот процес што вообичаено со години ја искажуваа политичките субјекти во земјава.
Но првото искуство со примената на новата технологија не беше најдобро, со оглед на многубројните проблеми што се појавија во текот на гласањето, од непрепознавањето на отпечатокот на некои од гласачите до бавната процедура на самото гласање поради неколкукратното скенирање на прстот кај некои граѓани.
Токму гласањето со отпечаток од прст во неделата доведе до создавање редици пред гласачките места, при што некои граѓани чекаа и подолго од 20 минути за да влезат да гласаат.
Од Државната изборна комисија меѓу главните проблеми што ги посочија при примената на апаратите за биометриско регистрирање на гласачите, а што придонесе гласањето да се одвива побавно, беа лошиот квалитет на некои од отпечатоците добиени од МВР и недоволното снаоѓање со опремата на некои од луѓето во избирачките одбори, како и обемниот гласачки материјал, односно гласањето со четири избирачки ливчиња.
– Проблематичен беше квалитетот на отпечатоците што ги достави МВР. Една четвртина од доставените отпечатоци беа со лош квалитет, претежно стари отпечатоци земени пред повеќе години, и тоа резултира со проблеми на денот на изборите – вели Љупка Гугутчевска, портпаролка на ДИК.
Таа уште додаде дека уредите за биометриско отчитување на податоците биле добри, но дека проблеми имало со ракувањето со овие уреди и затоа процесот одел забавено.
– Со самите уреди немаше никакви проблеми, туку проблеми се јавија при ракувањето со нив, во делот на конектирање на уредот со печатач, во однос на печатењето извештаи, во однос на вклучувањето и слично – појасни Гугутчевска.
Според неа, луѓето во избирачките одбори биле обучени за ракување со овие уреди, но на самиот ден на изборите притисокот го направил своето.
– Луѓето беа најмалку на две обуки, а некои и на три. Стравот од новата технологија е навистина присутен и тоа се потврди на денот на изборите. Со самото тоа што таму имаше и присутни набљудувачи, дополнително се зголеми притисокот врз луѓето во избирачките одбори, кои како одговорни лица не сакаа да има никакви пропусти и во сето тоа се случи некаде и паника, така што некои од луѓето не знаеја што да прават со уредите – истакнува Гугутчевска.
Портпаролката на ДИК уште додаде дека во пресрет на вториот круг не очекуваат вакви проблеми, бидејќи надлежните веќе се навикнале на техниката, а процесот ќе се забрза и затоа што некои од кандидатите се избрани во првиот круг и граѓаните ќе гласаат на помалку ливчиња.
Поранешниот прв човек на ДИК, Александар Новаковски, смета дека новата технологија требало најпрво да се тестира, наместо веднаш да се вклучи на изборите.
– Новата технологија требаше навремено да се истестира преку обуки, добра едукација и тест во пилот-општини – вели Новаковски.
Познавачите на состојбите истакнуваат дека најголем проблем со апаратите за отпечаток од прст може да биде токму неотчитувањето на податоците, а за тоа наведуваат неколку причини.
– Врз отчитувањето може да влијае нечистотија на стаклото на уредот, но и нечистотија на самиот прст, па со тоа сензорот тешко го отчитува примерокот. Ако и биометрискиот примерок е со лош квалитет, може и тоа да придонесе за потешко отчитување. Потребно е и прстот поцврсто да се допре до стаклото, за да може тој подобро да се скенира. Во секој случај, треба малку време луѓето да се навикнат на новата технологија. Впрочем, на поновите мобилни телефони ја има таа технологија на отпечаток од прст, исто е и со автомобилите, така што треба да се навикнуваме на тоа – вели Кристијан Димов, информатичар.
Според него, треба и во избирачките одбори да се става понекој човек што малку подобро се разбира во техника за да не ги фаќа паника во моменти кога апаратите од некоја причина ќе затаат.
„Нова Македонија“ се обрати и до МВР за нивниот став во однос на изјавата на првиот човек на ДИК дека добиле неквалитетни и стари отпечатоци, но до затворањето на денешниот број на весникот немаше одговор.