Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со францускиот амбасадор во земјата, Кристијан Тимоние, на која главна тема беше нон пејперот подготвен од страна на Франција, a во кој се содржани иницијативите на француската држава и претседателот Макрон за реформа на методологијата и начинот на кој би се одвивале преговорите за проширување на Европската Унија во иднина.
– Самата содржина на иницијативата, но и брзината со која Франција излезе со оваа иницијатива, на само еден месец од октомвриските самити, покажува дека процесот на европско интегрирање на целиот регион, а со тоа и на земјава, не е запрен, туку тече со солидна динамика – истакна Османи потенцирајќи притоа дека иницијативата е веќе испратена до земјите членки, кои веќе работат на неа, што укажува на фактот дека процесот се движи, изразувајќи притоа и надеж дека набргу може да се очекува нова методологија, која ќе овозможи почеток на преговорите со ЕУ.
За време на средбата, вицепремиерот Османи изрази благодарност до Франција и амбасадорот Тимоние за инклузивноста со која се гради овој процес вклучувајќи ги и земјите што преговараат и очекуваат да го почнат овој процес, како и за прецизноста со која се потврдува поддршката од страна на Франција за европските перспективи на целиот регион.
– Веројатно, најважната компонента на овој документ претставува јасната и недвосмислена потврда дека главната цел на преговроите претставува полноправно членство во Унијата, со што се затвораат сите шпекулации за разни алтернативни и асоцијативни членства и што го враќа процесот на европско интегрирање на земјите од Западен Балкан во негова целосна ширина – истакна Османи.