Во рамките на работната посета на Италија, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Претседателот на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во италијанскиот Сенат, Лучијано Далфонсо.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата Османи од Далфонсо добил уверување дека протоколот за НАТО ќе се најде на следната пленарна седница на Сенатот, која се очекува следната недела, со што Македонија и формално ќе добие зелено светло од Италија за приклучување кон евроатланската алијанса.
– Брзата ратификација на протоколот ќе претставува значаен импулс за севкупните интегративни процеси во земјава, но и дополнителна шанса да ја достигнеме амбицијата за заокружување на овој процес во рамките на Лондонскиот самит на почетокот од декември – истакнал Османи, посочувајќи на значењето на овие процеси не само за земјата, туку и за целиот регион.
Во рамките на посетата на Италија, Османи ќе оствари средба и со Министерот за европски прашања на Република Италија, Винченцо Амендола, каде ќе стане збор за европските перспективи на земјава, и поддршката од Република Италија во пресрет на одлуката за почеток на преговорите на Самитот на ЕУ наредната недела.
Посетата на Италија преставува дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи, за посета на европските метрополи, а во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ наредната недела.