Tреба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ, смета поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, која одговараше на прашања од конгресмени за американската политика на Балканот, на денешното сослушување пред Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом на американскиот конгрес.
– Мислам дека е целосна трагедија што Бугарите истакнаа такви барања за Македонија, поради домашни причини, по долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците. Затоа треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ – истакна Олбрајт.
Таа рече и дека новата претседателска администрација на Џо Бајден и Камала Харис треба да работи на прашањето како земјите аспиранти за членството ЕУ да не останат во чекалната поради своите соседи.
– Мислам дека тоа е многу важно прашање што ги подвлекува нашите напори на Балканот – посочи Олбрајт.