Со почетокот на наредната недела, во понеделник завршува временскиот рок во кој министерот Оливер Спасовски треба да ја формира работната група за спроведување на процесот на проветрување на вработените во Министерството за внатрешни работи.
Според изјавите на министерот Спасовски, во неа ќе учествуваат најмногу тројца претставници од политичките партии во Собранието, кои ќе имаат улога на набљудувачи на процесот.
Во меѓувреме, како што наближува крајниот рок за овој настан, во јавноста повторно се актуализира прашањето што ќе ни донесе проветрувањето во полицијата.
Во контекст на овие случувања, колку навистина е комплициран и непредвидлив најавениот процес за кадровско „проветрување“ во МВР сведочат и последните изјави на политичарите на оваа тема. Али Ахмети на изборното собрание на ДУИ во Дебар, неделава, изјави дека неговата партија, освен во МВР, ќе се обиде да издејствува проветрување и за судиите.
Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека сме на почеток од еден навистина комплициран и тежок процес што ќе го зафати функционирањето на МВР.
Според нив, процесот на таканаречениот ветинг треба да биде изолиран од политички влијанија, да се спроведува врз основа на наменски закон за оваа работа и да се врши преку таканаречени истраги и процени на компетенциите, вештините, личноста, имотот, работата, евентуалната поврзаност со криминални структури, со што ќе се избегне тој да пропадне, слично како проектот на лустрацијата, кој го спроведуваше претходната гарнитура на власт во земјава.
Поранешниот министер на МВР, Павле Трајанов, вели дека иако е добро што кадровското прочистување по УБК ќе се спроведува и во полицијата, тоа треба да биде продолжено и во судството, обвинителството, па дури и во сите државни институции што на некој начин носат одлуки во работата и кои навлегуваат во животот на граѓаните.
Според Трајанов, ако навистина сакаме да видиме резултати од ова т.н. проветрување на полицијата, сето тоа треба да се изведе врз основа на закон, кој би се донел специфично за оваа намена.
– Сѐ друго, според мене, би оставило само простор за критики од оние што се противат на проветрувањето и би го израмниле со сличниот процес на лустрацијата што во минатото го спроведуваше претходната власт – вели Трајанов.
Тој верува дека дополнително мора да се донесат и цврсти критериуми по кои ќе се врши проверката на стручноста на вработените во МВР.
– Сето тоа може единствено да се изврши од страна на стручни кадри, а не од, како сега најавеното, претставници на политички партии во Собранието – вели Трајанов.
Слаѓана Тасева од Трансапренси интернешнл вели дека проверката на веќе вработените во институциите мора да биде добро подготвена, да има соодветна правна основа, врз која точно ќе се знае кој сѐ ќе биде опфатен и на кој начин ќе се спроведува.
Тасева, која е и член на работната група за ветингот во МВР, вели дека идејата е добра, меѓутоа таа мора да се издигне и да се направи ветинг на сите носители на судската власт и на оние што се во јавното обвинителство.
Магдалена Лембовска од Евротинк смета дека овие процеси треба да им се остават на професионалците и дека не се работа на политичарите.
– Собранието треба да има своја надзорна улога, но во име на парламентарните надзорни тела, а не одделните политички партии. Сепак, искуството со вклучувањето на пратеници во комисијата што спроведе селекција на кадри од УБК во АНБ покажа дека пратениците, иако беа избрани како претставници на Комисијата за надзор над разузнавачките служби, останаа во рамката на своите матични политички партии, што може да фрли сомнеж за политизација на процесот – вели таа.