Учебната година ќе започне кон средината на септември. Часот во основното образование ќе трае 30 минути, а во средното – 35 минути. Ако одделението е големо, ќе биде поделено во две групи. Наставникот ќе реализира настава со едната група, па ќе следува темелна дезинфекција, по што ќе работи со другата група ученици. Ова се само некои од предлозите за новата учебна година
ПРОТОКОЛИТЕ И ПРЕДЛОЗИТЕ ЗА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ПРЕД ФИНИШ
На голем одмор пакети со храна што децата ќе си ја носат од дома, двојно поголем ангажман за наставникот зашто ќе треба да им го предава истиот материјал на две групи ученици во одделението, задолжително физичко присуство на децата од прво до трето одделение во училница, наставен час што ќе трае 30 минути. Ова се некои од главните новини што ќе ја одбележат новата учебна година, која се планира да започне на 15 септември годинава и да трае до 20 јуни следната година.
За истакнување е дека изминатиот период надлежните најголемо внимание обрнуваат во основното образование од целиот образовен процес во земјава, бидејќи од овој систем се дел деца што тешко можат да одржат физичка дистанца и да носат маски и да почитуваат други препораки. Високообразовните власти, пак, најавија дека ќе ги следат протоколите од Комисијата за заразни болести, зависно од моменталната епидемиолошка слика на почетокот на новата академска година, која ќе започне на 1 октомври. На универзитетите веќе се во тек уписи на нови студенти, кои документите ги поднесуваат онлајн.
И неработењето на градинките сè уште претставува голем проблем за некои од родителите што мора да одат на работа, а немаат каде да ги остават своите деца во текот на денот.
Неизвесноста за начинот на кој ќе се одвива целиот процес на згрижување и воспитување на децата во детските градинки и недоумиците дали ќе функционираат протоколите за заштита на децата ги доведуваат до избезуменост голем број родители.
Последното барање од надлежните во градинките е дека, поради препораките за заштита од коронавирусот, родителите треба да достават потврда од работодавецот дека своите работни задачи не можат да ги извршуваат од дома, туку дека треба да бидат на своите работни места. Тоа значи дека во градинка ќе се згрижуваат само децата чии родители мора да одат на работа. На тој начин ќе се намали и бројот на деца што ќе посетуваат една група во градинка и со тоа ќе може да се одржува дистанца меѓу децата.
Сепак, се очекува следната недела да се донесе конечна одлука за датумот на отварање на овие установи, како и конечните протоколи за згрижување на деца.
Учебната година ќе почне од 15 септември и ќе трае до 20 јуни
Елизабета Наумовска, заменик-министерка за образование за „Нова Македонија“ вели дека главна препорака е училиштата да се отворат за сите ученици од прво до трето одделение, секаде каде што има услови.
Во училиштата со помал број паралелки и помал број ученици, препораката е да се работи со физичко присуство и во другите одделенија, а тоа е најчесто во помалите општини, особено во руралните училишта.
– Сега се очекува Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб да дадат дозвола за работа со физичко присуство, во согласност со епидемиолошката состојба и во согласност со бројот на деца во училиштето. Последниот збор ќе го каже Владата. В понеделник ќе доставиме и предлог-измени на законите за основно и за средно образование, но, за жал, тешко можат тие да се усвојат пред 1 септември, оти за тоа треба да имаме функционално Собрание и собраниски комисии. Бидејќи нема да стигнеме, учебната година ќе започне околу 15 септември – вели Наумовска.
Комбинираниот модел на учење, каков што го предлагаше МОН за училиштата со поголем број ученици, најверојатно ќе се модифицира, бидејќи оние училишта со поголем број деца ќе преминат само на онлајн настава. Во училиште ќе одат само децата во првите три одделенија, за да биде ослободена училишната зграда, за да нема метеж.
Опасноста од ширење на ковид-19 е поголема внатре во училиштето, во дворовите и во ходниците за време на одморите бидејќи тогаш ќе има поголемо мешање меѓу децата од различни паралелки. Голем одмор ќе има, но она на што МОН инсистира е да се намали бројот на деца што во исто време ќе бидат присутни во училиштето.
– Деновиве ги усогласуваме овие планови и протоколи. За исхраната, нашиот предлог е децата да јадат во училница, секој на своето место и секој да си носи храна од дома или, пак, да добиваат пакет со храна од менза. Побезбедно е да јадат ладен сендвич, кроасан, кифла и слично, одошто да јадат топол оброк во чие приготвување и транспорт учествувале повеќе лица – нагласува Наумовска.
Часот во основно ќе трае 30 минути, во средно 35 минути
Часот во основното образование ќе трае 30 минути, а во средното – 35 минути. Ако одделението е големо, ќе биде поделено во две групи. Наставникот ќе реализира настава со едната група, па ќе следува темелна дезинфекција, по што ќе работи со другата група ученици. Со ова, на наставникот ќе му се удвои работата.
– Но направивме пресметки. Двојниот ангажман на наставникот, секако, ќе биде во рамките на 8 работни часа во денот, така што овде нема да има пречки. За искусен одделенски наставник нема да има проблем ваквото функционирање – смета заменик-министерката.
Во постојниот закон, додава таа, не е дефинирано кога почнува учебната година. Организацијата за работа на училиштето ја пропишува министерот со календар за работа. Полесно е со такви календари, вели Наумовска, да се одложи почетокот на учебната година.
– Најповолно за нас е учебната година да почне околу 15 септември. Ова се наши прелиминарни рокови, кои ги утврдуваме во согласност со политичката состојба. Сѐ зависи од тоа дали побрзо ќе има влада. Веќе многу е јасно дека 1 септември е невозможна мисија. Ако инсистираме на 1 септември, ќе мора наставата за сите да се реализира на училиште, а тоа значи со физичко присуство и тоа ќе значи дека часот ќе трае 40 минути. Затоа прво ќе се чека да се усвојат новите правила, па ќе почнеме – информира таа.
Предлозите се веќе модифицирани и сумирани. Ако се усогласат и МОН и Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб, тогаш Владата ќе донесе заклучоци. Тоа ќе се случи во следните неколку дена. Во меѓувреме, МОН, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар ќе им даваат стручни советувања на наставниците, насоки за оценувањето, организирањето на часот, а ќе има и обуки за онлајн настава.