На партиските конгреси, новоизбраните лидери ги презентираа програмите, насловени како „Нов договор“ на Мицковски и програмата на три столба „Заедно, одговорно и посветено“ на Ковачевски. Двајцата лидери при презентацијата на програмите при нивниот избор на чело на партиите упатија пораки за обединување, мобилизирање на младите сили во насока и придвижување на земјата напред, одбрана на националните интереси, но и креирање подобра економија и шанса за луѓето да останат тука и да не се иселуваат од земјата. Двајцата најавија дека ќе ги отворат вратите за сите професионалци што со своето знаење и умешност можат да придонесат за поквалитетно работење и за обединување на општеството. Во продолжение клучните поенти од програмите на Мицковски, насловена „Нов договор“, и на Ковачевски, која се темели на три столба, како и одгласите во јавноста во однос на тоа

Двете најголеми партии со нови визии за излез од кризата во земјава

Двете најголеми македонски партии изминатиот викенд во ист ден ги избираа новите партиски лидери што треба да ги предводат во следните четири години. Членството на СДСМ му ја даде довербата на Димитар Ковачевски, додека Христијан Мицкоски беше изборот на делегатите на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.
Двајцата лидери при презентацијата на програмите упатија клучни пораки за обединување, мобилизирање на младите сили во насока и придвижување на земјата напред, одбрана на националните интереси, но и креирање подобра економија и шанса за луѓето да останат тука и да не се иселуваат од земјата. Двајцата најавија дека ќе ги отворат вратите на партиите за сите професионалци, непартиски личности, кои со своето знаење и умешност можат да придонесат за поквалитетно работење. Со тоа, на некој начин, и двете најголеми партии најавија промена на курсот во одлучување на партиите, односно напуштање на досегашниот концепт на султан-партии и во иднина давање шанса на конкурентноста и квалитетот.
Она што особено паѓа во очи е што обајцата лидери во своите програми во клучните делови имаат точки што како модус операнди концептуално се совпаѓаат и како форма имаат заеднички именител, што влева оптимизам дека можеби Ковачевски и Мицкоски, свесни за длабоката политичка поделба на општеството, ќе излезат од досегашната матрица на партиски препукувања и ќе се обидат да го интегрираат македонското етничко ткиво и македонското општество воопшто, со единствена цел Македонија да стане подобро место за живеење за сите и многу поквалитетен кандидат за членство во Европската Унија.

Ковачевски со програма втемелена врз три столба

Новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, довербата на партиското членство ја доби врз основа на програмата насловена „Заедно, одговорно и посветено“. Тој и претходно ја образложи програмата, најавувајќи дека таа се темели врз три столба, социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард, како и фер шанса и јасен систем со кој најдобрите ги добиваат одговорноста и шансата.
– Сите што се подготвени на посветено, чесно работење во интерес на сите граѓани ги сметам за дел од мојот тим. Лично сметам на трудот, енергијата и квалитетите на секој социјалдемократ, секој прогресивен граѓанин и секој што сака искрено да помогне и да се вложи во успехот на нашата политика и нашата држава – порача Ковачевски по изборната победа.
Тој, како што најави претходно во партиската програма, ќе се залага за економски раст и зголемување на животниот стандард, истовремено оставајќи можност за ангажирање млади непартиски сили, професионалци, кои би можеле со своето знаење да придонесат за подобро реализирање на владините програми.
Токму преку креирањето подобри економски состојби и подобар животен стандард, како и преку можностите за вработување во земјава врз основа на квалитет и способност, новиот лидер на СДСМ очекува на тој начин да ги задржи младите во земјава и да го спречи процесот на иселување.
Во делот на надворешната политика, конкретно во врска со спорот со Бугарија, Ковачевски се потпира врз почитувањето на европските вредности, како и на усвоените резолуции.
– Во моментов нашата земја води преговори со Бугарија што се засноваат на европските вредности. Притоа се почитуваат сите усвоени резолуции. Ќе продолжиме во овој дух – порача Ковачевски.

Мицкоски со „Нов договор“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повторниот избор на челното место на најголемата опозициска партија, понуди нов концепт за заедништво, наречен „Нов договор“, во кој главните цели се ниски даноци, сузбивање на криминалот, влез во Европската Унија, но и заштита на националните интереси.
Според него, тоа ќе значи напредок и реални суштински промени во државата, во начинот на размислување, на дејствување…
– Новиот општествен договор што ќе го донесе заедничкиот патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа треба да ги сруши ѕидовите и планините што политичарите ги создаваа меѓу граѓаните – порача Мицкоски, алудирајќи на длабоката политичка поделеност во општеството.
Тој повикува на заеднички патриотизам, кој не подразбира никакви поделби, а најмалку етнички, односно рамномерен развој на територијата на целата земја, спречување на иселувањето на младите, градење заеднички институции…
– Ваквиот пристап ќе му даде можност на секој врз основа на неговите капацитети и знаења да се вклучи во изградбата на една нова подобра иднина за Македонија. Ова е втора епоха за Македонија, епоха што бара сеопшта општествена и интелектуална мобилизација. Ова ќе биде време кога ќе владеат одговорност, функционалност на институциите и просперитет – порача Мицкоски.
Тој се фокусира и на подобрување на економскиот стандард на македонските граѓани, подобрување на образованието, воведување на новите технологии, но и за брзо излегување од политичката, здравствената и енергетската криза.
Според него, исклучително е важен концептот на заедништво што ќе овозможи државата да оди напред.


Слушнат гласот на претседателот на МАНУ

Многу време пред водечките македонски партии да ги одржат партиските конгреси, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во своите колумни и анализи во весникот „Нова Македонија“ анализира и препорачува какви сè политички реформи се потребни за да се зајакне националното ткиво, да се постигне поширока кохезија и да се постави државата врз здрави темели.
Ова се само некои од неговите препораки во колумните, во кои отворено порачува дека треба да им се даде простор на младите и способни луѓе и на обединувањето.
– За да не изумре Македонија, време е да излеземе од рововите, време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата. Време е предизвиците во Македонија да ги разгледаме, анализираме, решаваме, користејќи пристап што обединува, синтетизира и интегрира – порачува Коцарев.
Според него, сите промени кон подобро можат да ги направат граѓаните и совесните и морални политичари.


ОДГЛАСИ ВО ЈАВНОСТА ПО ИЗБОРОТ НА НОВИТЕ РАКОВОДСТВА
Оптимизам, но со резерва

Одгласите во јавноста по изборот на старо-новите лидери во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните најави за тоа каква е нивната визија за иднината на партиите и земјата засега се резервирани, со извесна доза на оптимизам дека меѓу нив има сè повеќе точки на приближување.
– Ако лидерите на политичките партии повикуваат на сплотеност, на напредок на државата, може да направат исчекор и да почнат понормално да комуницираат меѓу себе и мислам дека се одговорни да го обезбедат тоа, да почнат да комуницираат и да функционираме како едно нормално општество – вели аналитичарот Алберт Муслиу, коментирајќи го говорот на Мицкоски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, коментирајќи ги новите партиски доктрини за отворање на вратите за професионалци, останува резервиран во поглед на таквите иницијативи.
– Што се однесува кон отворањето на професионализација и промени, тоа теоретски е возможно, но треба да видиме дали новото раководство навистина ќе оди кон таа насока, бидејќи досега партиите обично се потпирале на сопствени сили, најавите за професионализација се добредојдени, но да видиме дали тоа ќе се оствари во практика – вели Арсовски.