Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска оствари посета во Тетово, каде што пред медиумите ја коментира изјавата на бугарски дипломат, кој бара права за Бугарите во Македонија.
– Видете, најмал проблем е чии права ќе бидат прифатени за тоа што Македонија е демократско општество и секој човек треба да има индивидуални права. И никој во Македонија никому не му прави проблеми да се идентификува како што сака и да го зборува мајчиниот јазик за кој мисли дека му е мајчин. Прашањето е друго – какви се правата на Македонците во Бугарија? Зошто Македонците не може да се произнесат како Македонци во Бугарија и зошто не може да го зборуваат македонскиот јазик, ниту да имаат училишта на македонски јазик – запраша Николоски.
Николоски додаде дека прашањето е и зошто Бугарија не ги почитува одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Стразбур, кои бараат да се регистрираат македонски здруженија на чело со „ОМО Илинден“ и „Пирин“ и да се овозможи здружување на национална македонска основа, како и образование на македонски мајчин јазик.
– Тоа се прашањата за Бугарија, инаку Македонија од демократски стандарди е неколку скалила над Бугарија – нагласи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.