Интересен став имаат повеќето соговорници со кои се консултиравме, кои острицата ја насочуваат кон меѓународната заедница. Истакнувајќи ги нашите „македонски очекувања од Преспанскиот договор, кои се изневерени“, па дури и „дека сме измамени!“, соговорниците се со размислување дека „најмалку носат одговорност директните потписници на договорот, туку многу повеќе сите други меѓународни актери вклучени во неговото креирање и поддршка за постигнување/спроведување!“ А договорите, претставувани како исполнување на последниот услов за отворање на портите на ЕУ за Македонија, сега добија поопасна димензија: нерелиабилност, недоверба и тежок пад на авторитетот на меѓународната…
Меѓународна конференција за одбележување на тригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор
Најавувана како „балкански Давос“, на 1 и 2 јули, во Отешево (Преспа) и на другата страна од Галичица (во Охрид) почна меѓународна конференција, како своевидна прослава на одбележувањето на тригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. Наедно, констатирајќи дека годинава се навршуваат и дваесет години од Охридскиот договор, со оваа конференција ќе биде одбележан и вториот јубилеј.
Но во потконтекст на одбележувањето на овие два договора, ќе се најде простор и да се истакне важноста и на Договорот за добрососедство со Бугарија… Имено, според домаќинот, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, со овие три договори Македонија „се препознава како уникатен пример во поширокиот регион“.
Високи сегашни и поранешни државници ќе му дадат поддршка на настанот
Како учесници на конференцијата се најавени: помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија – Филип Рикер, специјалниот претставник на САД за Балканот – Метју Палмер, а се очекува и медијаторот за спорот за името – Метју Нимиц. Освен нив, на конференцијата во Преспа ќе учествуваат и поранешниот премиер на Грција – Алексис Ципрас, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика – Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан, некои потписници, како и некои други учесници на настанот во Нивици од 2018 година. Конференцијата ќе ја отвори премиерот Зоран Заев.
За одбележување на годишнината на Охридскиот договор, во Охрид се очекуваат поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, и поранешниот специјален претставник на ЕУ, Ален Ле Роа. Од ЕУ ќе присуствува и специјалниот преставник за Балканот, Мирослав Лајчак. Од регионот на форумот ќе учествуваат премиерите на: Србија – Ана Брнабиќ, на Албанија – Еди Рама, на Косово – Албин Курти, претседателите на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ и на Словенија – Борут Пахор.
Можеби историски за некого, но сѐ уште не е таков за Македонија и Македонците
Организаторите на конференцијата ѝ придаваат историско-регионални димензии. Но како првичен одраз во домашната јавност се наметнува прашањето за релевантноста на изминатиот период за оценување на историската вредност на еден билатерален договор, со кој требаше да се надмине дведеценискиот идентитетски спор меѓу Македонија и Грција.
– Во принцип, изминати три години се прерано за да се оцени каква било историска димензија на билатерален договор. Од аспект на нашите македонски очекувања од Преспанскиот договор, тие се изневерени. Да не кажам потежок збор – дека сме измамени! За тоа најмалку носат одговорност директните потписници на договорот, туку многу повеќе сите други меѓународни актери, вклучени во неговото креирање и поддршка за постигнување/спроведување. Претставуван како исполнување на последниот услов за отворање на портите на ЕУ за Македонија, самиот Преспански договор доби поопасна димензија – улога на Пандорина кутија што отвори проблематизирање на повеќе аспекти на нашата внатрешнополитичка сувереност, што сега повеќе страни го злоупотребуваат. За придобивките на македонското општество од овој договор, најсоодветен би бил одговорот на прашањето: дали постоењето на овој договор во изминатите три години придонесе да добиеме поголема надеж за иднината, беше причина за поголема национална сплотеност, или, пак, предизвика повеќе малодушност и разединетост? – вели лингвистот и колумнист Игор Радев.
Според оцената на Радев, Преспанскиот договор е типичен пример на категоријата „нерамноправни договори“, познати во меѓународното право од 19 век. Такви договори вообичаено врамувале и уредувале односи на „посилен и послаб“ или „претпоставен и потчинет“. Во ваквите договори, вообичаено е само едната страна да има обврски, а другата – само придобивки. Нерамноправните договори, креирани според принципот на „негативно задоволство“, не се ништо ново во историјата, но се несоодветни за светот во 21 век, кој се претставува како демократски.
– Принципот на негативно задоволство најлесно се објаснува со ефектот на тесните чевли – чувствуваш задоволство кога ќе ги соблечеш. Пренесено на меѓународно-политички план, тоа значи: едната страна почнува да презема штетно дејство со кое ја загрозува втората страна. За да престане да го прави штетното дејство, првата страна ѝ нуди договор на загрозената страна, при што втората страна прави отстапки за првата страна да престане да ѝ наштетува. Првата страна, во суштина ништо не отстапува, а втората страна е таа што дава, но има чувство на „негативно задоволство на собуени тесни чевли“. Водење преговори врз основа на негативно задоволство (како што беше случајот за постигнување на Преспанскиот договор и сегашните преговори на Македонија со Бугарија за отстранување на ветото за ЕУ), се „секогаш губитничка позиција за жртвата“. Во овие договори не постои никаков компромис – зашто само едната страна исполнува обврски, а другата има само придобивки. Компромис би бил кога двете страни би преземале одредени дејства за негово спроведување – вели Радев.
Монополизирање на употребата на придавката „македонски“ од страна на Грција
Како дел од манипулацијата на Спогодбата од Преспа, Радев ја наведува употребата на придавката „македонски“, која според договорот требаше да можат да ја користат двете страни, а тригодишната практика покажува дека грчката страна и понатаму си го монополизира користењето на терминот „Македонија“ и изведените именски зборови од него.
За историчарот Тодор Чепреганов прославата на билатерален договор, за кој и по три години има голем отпор во самата држава, е како да се слави национален пораз.
– Да се дава мислење за билатерален договор, три години по неговото потпишување, е непрофесионално, а пак да се прославува во услови кога има отпор за него во самата држава е политички нонсенс. Очигледно, прославата ја прават политичките елити (посебно меѓународните), кои учествуваа во создавањето на Преспанскиот договор, но тоа нема да ја промени перцепцијата дека договорот е едностран и нема исполнување на ветувањата (обврската) за зачуван македонски национален идентитет, зачувана посебност на македонскиот јазик, гарантирана посебност на македонскиот историски развој. Народот тешко дека ќе учествува во оваа прослава, зашто со договорот се чувствува како изманипулирани. Невидено е во историјата некој да те принудува да го славиш своето национално обезличување. Преспанскиот договор можеби е големо достигнување на елитите од Западна Европа, но за Македонија и Македонците претставува кулминација на намерата затскриена во сите претходни договори (Охридски, Пржински, Бугарски…) за разнебитување на македонскиот национален идентитет. Меѓу другото, Преспанскиот договор со Грција се покажува и како поттик за Бугарија да бара уште отстапки од Македонија, за конечно разнебитување на македонизмот. Ваквите договори им овозможуваат на западните демократии да уживаат во својот бирократски живот и светоглед, а Македонија ја претворија во нефункционална партократска држава, во која нема контролен механизам за власта. Секоја прослава на договори во кои секој член атакува на македонскиот идентитет е славење на сопствениот пораз – вели историчарот Тодор Чепреганов.