Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека лидерска средба за текот на разговорите за прашањето за името најверојатно ќе нема, бидејќи, како што рече во Охрид немало некој посебен исчекор.
– Верувам дека веројатно ќе има средби, односно меѓусебно информирање од страна на министерот за надворешни работи и од моја страна и на претседателот на државата и на шефот на опозицијата, заради тоа што тие заклучуваат дека навистина нема нешто толку значајно што би било основ за лидерска средба. Ние тоа го почитуваме. За нас е важно да бидат сите информирани и да ги споделиме идеите за следните стратешки чекори – изјави Заев денеска по завршувањето на рочиштето за „Поткуп“.
Редот е, како што рече, не само да се информираме, туку и заемно да се консултираме за стратегиите и чекорите кои ќе ги преземеме за конечно да очекуваме национално единство и консензус во државата по вака важни прашања.
На новинарско прашање во врска со ставовите на грчката опозиција и власта во врска неговите изјави околу името, Заев одговори дека водат транспарентен процес и оти и граѓаните треба да знаат.
– Точно е постојат разлики од самиот почеток, постоеле и 27 години, но исто така е точно и дека има исчекор во преговарачкиот процес. Секако до крај не се решени работите. Но, прво е добро што граѓаните од двете земји се поприлично упатени, второ што никогаш не постоеле подобри услови за преговарачкиот процес, ниту пак поголема извесност за изнаоѓање на решение на овој горлив проблем – рече Заев.
Вели дека тој само испраќа порака дека треба да се продолжи посветено со заемана грижа за позициите на другата страна од преговорите.
– Ние да водиме грижа за грчката страна, тие за нашата страна за да можеме на крај да се обидеме да направиме се, со целата креативност што ја имаме за двете страни да бидат конечно задоволни од конечното решение или подеднакво незадоволни, истакна премиерот.
На прашање што доколку не се постигне решение тој одговори дека многу малку или воопшто не размислува што доколку не се дојде до решение.
– Ако не се постигне веројатно ќе продолжиме со разговорите. Реформите и економијата ќе продолжат во државата. Ова е важна лента по која се води Македонија, а и неколку други ленти паралелно се отворени. Знам дека и да не најдеме решение за проблемот со Грција мора да градиме пријателство. Јас ќе продолжам да градам пријателство, ќе подавам рака и ќе се обидувам за два, за пет месеци, за година дена да се изнајде решение. Искрено посакувам да се најде решение заради тоа што имаме многу да работиме во иднина како соседски земји. Имаме многу што да подобриме во интерес на граѓаните меѓу двете земји, така да претстојат многу други задачи покрај овој проблем кој постои меѓу двете земји, рече Заев.