Кои се приоритетите за Министерството за правда во следниот период, до каде е процесот за прочистување и филтрација на судството и Обвинителството, ќе има ли онлајн судења во македонските судови, што станува со предметите на СЈО, но и со таканаречените хашки случаи, се само некои од темите за кои за „Нова Македонија“ говори министерот за правда Бојан Маричиќ, за кого враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем претставува врвен приоритет. Не може законите да важат само за „обичните“ граѓани, а оние што биле или се на функција да наоѓаат илјада и еден начин како да ги избегнат, нагласува министерот во интервјуто за „Нова Македонија“

Интервју со министерот за правда Бојан Маричиќ

Изминаа првите 100 дена од новата влада, таканаречениот „меден месец“ на секоја власт. Граѓаните очекуваат подобрување на владеењето на правото и правната држава, кои области во правосудството се најитната зона на реформите на кои ќе дејствувате?

Задоволен сум од тоа што Министерството за правда го постигна во првите 100 дена. Дозволете ми да кажам дека само во овој период успеавме да ги намалиме судските такси за цели осум пати, односно граѓаните што досега плаќаа и до 48.000 денари такси, со новиот закон нема да платат повеќе од 6.000. Целта на оваа мерка беше да ја направиме правдата подостапна за граѓаните, што е наше предизборно ветување. Дополнително, Законот за попис на населението, домаќинствата и становите е во собраниска процедура и наскоро очекуваме да биде усвоен. Завршен е проектот за изградба на новиот Воспитно-поправен дом – Тетово, во кој според сите највисоки стандарди ќе бидат сместени децата што се во судир со законот. Тоа што ни претстои е да се донесат уште неколку закони и особено важно за целиот правосуден систем е усвојувањето на методологијата за филтрација на судството и Обвинителството, со кој очекуваме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да направат филтрација во своите редови. Исто така, потребна е подобра имплементација на веќе донесените закони и на тоа континуирано и интензивно работиме.
Поради опасностите што со себе ги носи пандемијата на ковид-19 по здравјето на луѓето, колку е можно во Македонија да видиме спроведување на судски процеси онлајн ако се знае дека досега во кавадаречкиот суд беше спроведен еден таков процес?
Пандемијата на ковид-19 беше своевиден катализатор на дигитализацијата во повеќе сектори. Судството како еден од најважните составни делови на секој систем мора да ги следи современите информатички текови, не само поради спречувањето на ширењето на заразата во судовите и обвинителствата туку и да се овозможи редовен и квалитетен тек на судските процеси. Дополнително и без пандемија, со дигитализација ќе се добие подобра поврзаност на судовите, странките, адвокатите и на сите засегнати страни во судските процеси. Свесен сум дека за дигитализацијата се потребни и законски измени, потребни се пари, знаење и технологија, но уште поголема е потребната од ефикасен судски систем. Токму затоа и ја отворив оваа дебата. Пандемијата ќе помине, но опремата во судовите и знаењето ќе останат, а со тоа и придобивките од современата технологија. Онлајн рочиштето во Основниот суд во Кавадарци го сметаме за пример што ќе биде дополнително охрабрување за користење современи дигитални технологии во судството.
Премиерот Зоран Заев неколкупати досега ја најави можноста за проветрување на кадрите во судството и за деполитизација на правдата, коалициските партнери од ДУИ, пак, го користат терминот ветинг, како гледате вие на тој процес и колку е изводлив?
Во крајна фаза е изработката на методологијата за филтрација на судството и Обвинителството и до крајот на годината ќе биде објавена. Се работи за методологија за тоа на кој начин и во кои временски рамки ќе се спроведе филтрацијата. Самата методологија ќе биде одобрена од Советот за реформи во правосудството. Важно е да кажам дека оваа филтрација ќе ја спроведе самата фела, односно Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Очекувам со овој процес да се придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем. Ова за мене како министер е повеќе од врвен приоритет и еден од главните мотиви за извршување на министерската функција. Мора граѓаните конечно да почувствуваат дека имаме правен систем што е фер и ефикасен, кој е достапен за сите и дека нема повеќе како во минатото да има недопирливи. Не може законите да важат само за „обичните“ граѓани, а оние што биле или се на функција да наоѓаат илјада и еден начин како да ги избегнат. Целта на филтрацијата е еднаш засекогаш да се заврши со случаите на неказнивост за кршењето на законите и криминалот. Одговарајќи на ова прашање важно е да кажам дека и без методологија работите мрднаа од мртва точка и веќе има неколку крупни разрешувања во правосудството. Поранешните претседатели на Врховниот и на Кривичниот суд веќе се разрешени. Процесот е започнат, а методологијата ќе биде дополнителен инпут за поефикасна филтрација.
По донесувањето на Законот за јавно обвинителство како се движи процесот за имплементација на одредбите?
Најзначајниот аспект на овој закон е тоа што тој овозможи продолжување на започнатите предмети на СЈО. За да ја вратиме довербата на граѓаните, многу е значајно постојано да потсетуваме дека случаите на висока корупција што беа отворени од СЈО треба да се завршат, а дека материјалите што му се предадени на Јавното обвинителство исто така треба да се искористат. Но, сепак, еден наод и задача од извештајот на Европската комисија е дека треба да го зголемиме бројот на завршени случаи со висока корупција, што како порака подразбира дека е потребно поефикасно постапување по случаите, како за оние што се започнати во минатото, така и за сите нови случаи што би излегле.
Во вашите јавни излагања напоменавме дека постојат одредени пречки во барањата за екстрадиција на двајцата бегалци во Грција и на поранешниот премиер во Унгарија, дали има некое раздвижување на овој план?
Повеќепати сме кажале дека Министерството за правда прави сè што е во негова моќ да ги врати во државата сите оние што треба да одговараат за своите сторени или за сомнежите за сторени криминали. Министерството не е ограничено во однос на бројот колку пати може да побара екстрадиција за лица што се избегани. Секогаш кога сметаме дека има некој нов момент што може да придонесе за успешно завршување на некоја екстрадиција се испраќа барање. Одлуката на Уставниот суд од пред неколку недели, во која како законски е означено повлекувањето на аболициите што ги даде поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, ќе биде разгледана како нов момент во однос на можноста за екстрадиција.
Во соседството, во Косово и во Албанија, се актуелни процеси на хашкиот трибунал со кои воените злосторства што се случија за време на тамошниот конфликт добиваат судска разврска. Од друга страна, Македонија има своја приказна со т.н. хашки случаи што никогаш не добија завршница?
Ова прашање е затворено со закон, летото во 2011 година врз основа на коалициски договор на тогашната влада.
Најавена беше ревизија на предмети од Судскиот совет по случаен избор, според она што е познато досега во овој процес, интенцијата е да се утврдат субјективните и објективните фактори што влијаеле на судските предмети. Дополнително, како се развива процесирањето на судските предмети на некогашното СЈО за кои се интересираше јавноста?
Како дел од процесот на филтрација, веќе најавивме и ревизија по случаен избор на предметите од висок профил на случаи што застареле за да се утврдат причините, колку се тие причини објективни, колку се субјективни и каде е изворот на проблемот со застарување на предметите. Дополнително ние сме прва држава во регионот што од Европската Унија побара веднаш да ја почне иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција. Што се однесува до предметите на некогашното СЈО, според информациите од Обвинителството, околу 17 се во истрага, а 47 во предистрага. Тоа што е важно е сите овие и други предмети да имаат завршница, а тие за кои ќе се пресуди дека направиле криминал и го прекршиле законот да се соочат со правдата.


Бесплатна правна помош за граѓаните

Кога дојдов на местото министер за правда, добив информација дека многу малку од парите предвидени за бесплатна правна помош се искористени. Тоа беше своевиден аларм дека граѓаните не се доволно запознаени со можноста да им бидат платени сите трошоци во судска постапка доколку тие немаат финансиски средства сами да го направат тоа. Веќе кажав дека мој врвен приоритет е правдата да биде достапна за сите, па затоа мораше да се најде начин како мерката Бесплатна правна помош да се донесе поблиску до граѓаните. Со голема помош на Советот на Европа, како проект се направи цела кампања и се организираа низа настани за афирмација на бесплатната правна помош, а како дел од неа и интернет-страницата http://pravnapomos.mk, на која граѓаните веќе можат да ги најдат сите информации, прво дали имаат право на бесплатна правна помош, а потоа како можат да аплицираат и да ја добијат истата таа. Важно е да се напомене и дека проектот за бесплатна правна помош е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција ИИ“, иницијатива за соработка, кофинансирана од Европската Унија и од Советот на Европа, чија цел е да им се помогне на земјите-кориснички од Југоисточна Европа да ги достигнат европските стандарди на Европската Унија, во рамките на процесот на проширување.

[email protected]