Индициите сѐ повеќе прераснуваат во докази за тоа на кој начин локални моќници со години го користат традиционалниот лов на висококвалитетната риба јагула во таканаречениот Далјан, метален кафез широк 10 и долг 15 метри за заловување, а потоа и продажба на заловената јагула. Далјанот е поставен своевремено во водите на Црн Дрим, на периферијата на градот Струга, од државната компанија ЕЛЕМ, и даден на користење и управување на тогашното рибно стопанство, кое со години не постои. Но постои нешто друго, што, според очевидци и искази на лица директно инволвирани во ловот на јагула, се идентификува како постапка за девастација на рибниот фонд на македонскиот езерски бисер…
Државата пред нов тест да стави ред во управувањето со рибниот фонд во реките и во езерата
Државата да прекине со практиката за небрежност и толерирање на уништувањето на јагулата во Црн Дрим, овозможувајќи им со години на локални моќници неконтролирано да ја ловат и од тоа дебело да заработуваат. Оваа појава е сплет на нелегални постапки што имаат штетни референци и на централно и на локално ниво во однос на владеењето на правото, но уште подлабоки во делот од екологијата и заштитата на животната средина, а продолжува токму и сега, во период кога нема концесионер што управува со Охридско Езеро и Црн Дрим.
Тие локални моќници со години го користат металниот кафез, широк 10 и долг 15 метри, за заловување, а потоа и за продажба на заловената јагула, кој беше поставен своевремено во водите на Црн Дрим од државната компанија ЕЛЕМ и даден на користење и управување на тогашното рибно стопанство, кое со години не постои.
Улогата на овој кафез првично беше да се запираат јагулите, да се собираат и потоа да се транспортираат по хидроцентралите изградени од македонска и албанска страна на Црн Дрим, со што требаше да се овозможи продолжување на природниот пат за мрестење на овие риби во Саргасово Море, кој беше спречен токму од дејството на човекот.
Локални рибари, длабоко загрижени за водите и природните богатства и загрозениот биодиверзитет, кои контактираа со редакцијата на „Нова Македонија“ и посакаа да останат анонимни, велат дека спорната метална брана поставена во Црн Дрим е предмет на незаконско владение, а истата таа ја користи поранешен концесионер со Охридско Езеро, кому државата пред повеќе од една година му го раскина концесионерскиот договор токму поради неправилности во работењето.
Рибарите располагаат со индикатори за кои тие посочуваат дека се конкретни основи на сомневање дека „постои некаква спрега меѓу поранешниот концесионер ’Летница-Белвица’ и луѓе во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), бидејќи сопственикот на оваа фирма иако според законот не смее да конкурира на огласот за доделување концесии, сепак се појавува на листата на лица што подигнале тендерска документација за иден концесионер на ’Далјан“ во Црн Дрим, но со друга фирма“.
– Само за да се задоволат барањата на гробарот на Охридско Езеро, МЗШВ во тендерската документација наведува дека треба да има доказ дека понудувачот има на располагање опрема за вршење стопански риболов, инсталација за лов на јагула или закуп на таа инсталација, иако не е регулирана сопственоста на таа инсталација, односно не се знае зошто таа уште е поставена во Дрим и како е дозволено да го попречува слободното движење на рибите кога нема концесионер – прашуваат рибарите.
Според нив, наместо државата да стопанисува со инсталацијата и да ја издава под кирија, таа е занемарена и сега ја користат локални моќници произлезени од поранешното рибно стопанство, а на штета на рибниот фонд и јагулата.
– Потврда за тоа се и обидите на еден од тие моќници на незаконски начин да легализира државен имот, како и целокупната инсталација поставена од ЕЛЕМ. За сето ова МЗШВ со години молчи. Кога се обративме до МЗШВ и побаравме да ни бидат покажани документи поврзани со управувањето со браната, ни рекоа дека е подобро да не чепкаме ништо таму оти стариот концесионер повторно ќе ја земе концесијата – посочуваат рибарите.
Поради тие причини очите на јавноста се свртени токму кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое распиша јавен повик за доделување концесија за управување со „Далјан“ во Црн Дрим и Преспанско Езеро, а кој завршува токму денеска.
Министерството треба да пресече кој ќе ја добие концесијата за управување со овие водни ресурси и со тоа да ги отстрани сите сомнежи дека самата држава ги погазува сопствените закони и овозможува со водите да управуваат луѓе што не ги исполнуваат законските услови за таква дејност.
Имено, „Нова Македонија“ потсетува дека според членот 28-а од Законот за рибарство и аквакултура се предвидува на лица што им била одземена концесијата да не можат да се занимаваат со оваа дејност најмалку во следните три години, така што МЗШВ со едноставна проверка на портфолиото на фирмите, но и на луѓето што ќе се пријават на тендерот, веднаш ќе знае кој ги исполнува законските норми.
Колку за потсетување, на почетокот на минатата година државата ѝ ја одзеде концесијата на струшката фирма „Летница-Белвица“ поради неправилности во работењето, со што испрати јасна порака до сите дека нема да толерира незаконско работење.
Дали ќе остане на ваквата определба, ќе биде многу појасно откако ќе се дознае новиот концесионер на Далјан на Црн Дрим и на Преспанско Езеро.