Владеењето на правото е принцип втемелен на поставките за универзалност, неутралност и предвидливост. Универзалноста значи дека правилата важат за сите, без исклучок, дека зафатите на Владата се регулирани со правила, а институциите и нивните претставници не се над правото. Второ, неутралноста укажува дека основата за ограничувањата (правилата) не се лична волја на владини функционери или на лични авторитети. Трето, предвидливоста е основа за правната сигурност и претставува заштита од приватно насилство, самоволие и самовластие. Но токму во врска со владеењето на правото, исклучително е интересно што аналитичарите со кои разговаравме ги забележуваат различните позиции на претседателските кандидати во однос на толкувањето и на примената на овој принцип на конкретни општествени состојби и ситуации
Некаде на средината од претседателската кампања, од настапите на тројцата кандидати на средбите со граѓаните, произлегува еден заеднички именител како тема – владеењето на правото. Со оглед на фактот дека правото како професионална провиненција е поврзувачкиот елемент на сите тројца кандидати, логично беше дека во кампањата ќе настојуваат својата „понуда“ за претседателскиот мандат да ја аргументираат преку темите што професионално најдобро ги владеат. Всушност, и во целиот општествено-политички контекст на промени во кој се најде Македонија во последнава деценија, во голема мера придонесе за речиси секојдневно актуализирање на прашањето за владеење на правото. Но е интересно дека токму тој принцип, како заедничка тема, не значи дека тројцата кандидати ги имаат детектирано истите слабости во поглед на досегашното владеење на правото и ги гледаат истите решенија за нивно надминување.
– Владеење на правото е специфична универзална синтагма, која во основа значи дека законите треба да важат за сите. Во поглед на универзалното значење на дефиницијата, ми се чини дека сите претседателски кандидати се согласуваат, меѓутоа имаат различни позиции во однос на нејзината примена и толкување на конкретни општествени состојби и ситуации. Односно, сите тројца немаат иста правна платформа во своите политички програми. На пример, сосема се разликуваат нивните гледишта во однос на законитоста на правната процедура за усвојување на Преспанскиот договор, Законот за употреба на јазиците и сл. За кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, начинот на кои тие се донесени е нелегален, додека кандидатот на СДСМ – Стево Пендаровски и фаворитот на Беса-Алијанса за Албанците, Блерим Река, сметаат дека не постои правен проблем во нивното донесување. Потоа, Силјановска-Давкова на судските процеси за 27 април гледа како на политички прогон, а не како на правен процес, додека Пендаровски смета дека тоа е оправдана и легална правна процедура за да се казнат насилниците што влегоа во Собранието пред две години. Во основа, и покрај прифатеноста на универзалната дефиниција, сите имаат различни толкувања – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, како слоган за нејзината кампања ја избра синтагмата „Правда за Македонија“ и на своите настапи секогаш го истакнува неприкосновеното придржување до правото како основен принцип на нејзиниот претседателски мандат, доколку биде избрана.
Кандидатот од блокот на албанските партии, поранешен амбасадор и професор по меѓународно право, Блерим Река, во својата програма се залага за непартизирано судство, неамнестирано и неимунизирано Собрание, сузбивање на непотизмот во јавната администрација како и владеење на правото во Македонија наместо владеење на поединецот, но исто така во неговото видно поле на владеење на правото влегува и државно регулирање на статусот на ветераните на ОНА.
Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, во својата програма ветува безрезервно почитување и спроведување на Уставот и законите, активна координација и поттикнување на политичкиот и општествениот дијалог, поддршка на работата на парламентот и Владата, но и критика на нивната работа. Главно, сите кандидати ветуваат дека безрезервно ќе се залагаат за владеење на правото!
– Теоретски, на сите претседателски кандидати програмите им се полни со владеење на правото, но во практиката се премолчуваат низа ситуации на прекршување на тој принцип, што го прават партиите кои ги поддржуваат нивните кандидатури. И секој на свој начин го толкува владеењето на правото. На пример, Пендаровски не говори за правниот принцип на поделба на власта. Силјановска-Давкова не го осуди груевизмот во партијата што ја поддржува нејзината кандидатура. Никој од кандидатите не зборува за своевидната заштита од законски прогон на функционерите на ДУИ. Кога кандидатите ќе се осмелат да ги искритикуваат лидерите на партиите што ги поддржуваат, кога тие не постапуваат според принципите на владеење на правото, тогаш можеби ќе можеме да зборуваме за неселективен принцип во примената на принципот – еднаквост на сите пред законот – вели професорот и политички аналитичар Јове Кекеновски.