Според аналитичарите, најголем виновник за ваквите предлози за менување на границите на Балканот е вакуумот што го остави ЕУ за проширувањето на регионот во Унијата. Недостигот од визија и од вистинска цврста посветеност на ЕУ за проширувањето со земјите од Западен Балкан создава, односно остава простор за појава на ретроградни алтернативни визии за европерспективата на регионот
Нови пробни балони за менување на границите
Темата со менувањето на балканските граници никако да спласне во регионалната јавност, па и пошироко. Изминатиот период во регионот одекнаа две најави за промени на балканските граници, односно премиерот на соседно Косово, Албин Курти, изјави дека планира да започне процес за промена на границите со Црна Гора и да ја реши проблематичната демаркација. Речиси истовремено и лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, најави дека иднината на заедничката држава е неизвесна и е можно Република Српска, која ја предводи тој, да се оддели од Босна и да се припои кон Србија.
Слични најави за менување на границите на Балканот имаше и претходно, а сѐ уште се свежи сеќавањата и на словенечкиот нонпејпер, во кој исто така се сугерираше промена на границите на Западен Балкан, поточно на оние од поранешната Југославија. Не многу одамна, на јавна дебата во Тетово, организирана од „Движењето за Илирида“, се најави старата идеја со нови заложби за создавање на т.н. Република Илирида, како политичко-територијална област на Албанците во Македонија, со можност за припојување кон Албанија. Претходно, пак, во неколку наврати оваа година, преку изјави и видеоспотови, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ги присвои Велес и Охрид како бугарски градови, што претставува грубо кршење на територијалниот интегритет на нашата држава.
Упатените познавачи на состојбите во Југоисточна Европа, како Флоријан Бибер, предупредуваат дека е многу ризично да се дискутира дури и за заемно договорена промена на границата на Балканот меѓу Косово и Србија, но тоа е уште поризично во Босна.
Според Бибер, тоа не само што ќе вклучува неконсензуален процес туку ќе влијае врз луѓето против нивната волја и ќе го надмине пристапот на меѓународната заедница што постои од 1991 година – дека не се прифатливи промени на границите по етничка линија. Според него, сите анализи на оваа тема предупредуваат на голема можност од нови етнички конфликти ако се изврши промена на границите.
Противење на сите процеси за промени на границите во регионот неодамна искажа и американскиот Стејт департмент. Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, изјави дека неодамнешните неоправдани шпекулации за промена на границите на Балканот по етничка линија ризикуваат поттикнување нестабилност во регионот и будат сеќавања на минатите тензии.
– Стабилната, просперитетна иднина на Западен Балкан мора да се заснова на добро владеење, владеење на правото, мултиетничка демократија и почитување на човековите права и основни слободи – изјави Прајс.
Во меѓувреме, професори и политиколози со кои се консултиравме велат дека гласноста на ваквите идеи за менувањето на границите укажува дека некои балкански политички фактори не сфаќаат дека освојувањето територии во 21 век нема да донесе ништо добро на регионот.
Според нив, несфатливо е зошто, и покрај противењето на ЕУ и на НАТО на овие процеси, одредени центри на моќ сѐ уште се обидуваат да ја искористат својата стратегиска цел и стар сон за заживување на замислите за големи држави на Балканот.
Универзитетскиот професор Оливер Андонов вели дека напливот на најавите за промена на балканските граници и формирањето големи држави во регионот не треба да ја залажува Македонија дека соседите прекуноќ се откажале од своите аспирации спрема нашата земја, во име на европските вредности и геостратегијата на 21 век преточена во членството во НАТО.
Според Андонов, нашите трауматични искуства од не многу дамнешно минато, од конфликтот во 2001-та, и со постојаното пролонгирање на македонските евроинтеграции, токму поради таквите „преформулирани“ анахрони амбиции, треба да бидат јасен сигнал за властите во земјата дека се соочуваме со проблем.
Професорот истакнува дека токму сега повеќе од кога било е битно со мирна глава и со сеопфатна државна стратегија по овие прашања да го насочиме нашето дејствување преку заштита на нашиот национален интерес во загатката на геополитичките поместувања, пред да биде предоцна.
Андонов резимира дека колку побрзо создадеме автентична македонска позиција во новата слика на регионот и светот толку полесно и со минимални штети мудро ќе излеземе од загрижувачките состојби на Балканот.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски констатира дека можеби најголем виновник за ваквите предлози за менување на границите на Балканот е вакуумот што го остави ЕУ за проширувањето на регионот во Унијата. Според него, недостигот од визија и од вистинска, цврста посветеност на ЕУ за проширувањето со земјите од Западен Балкан создава, односно остава простор за појава на ретроградни алтернативни визии за европерспективата на регионот.
– Балканот во овој миг очигледно е како автомобил во лер на угорница. Ако не го туркаш, тој самиот се движи прудолу – вели Арсовски.