Невреме проследено со дожд, град, електрични празнења и засилен ветер викендов погоди делови од земјата, а најтешко беше погодено демиркапиското село Корешница, каде што градот целосно ги уништи земјоделските насади.
За само 15 минути завчеравечер наврнале 25 литри дожд на квадратен метар, проследен со град, при што до сто отсто се уништени лозјата, тутунот, пиперот и другите земјоделски култури. Локалната власт веќе формирала комисија за процена на штетите.
Невреме проследено со пороен дожд во саботата попладне ја погоди и Струмица, при што дојде до поплавување на дел од улиците низ градот.
На терен излегоа екипи од ЈПКД „Комуналец“, кои веднаш интервенираа на најкритичните места, за побрзо нормализирање на состојбата.
Во санирањето на последиците се вклучија и екипи на противпожарната единица.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавија дека викендот што помина ќе биде проследен со нестабилно време во делови од земјата, особено во попладневните часови, додека за оваа работна недела најавуваат постабилно и многу топло време.
– Под влијание на многу топла воздушна маса, во текот на следнава работна седмица ќе преовладува сончево и многу топло време.
Особено топло ќе биде од среда, кога по должината на Повардарието максималната температура ќе биде околу 40 степени. Од петок во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност – се вели во временската најава на УХМР.
Метеоролозите предупредуваат и на исклучително високиот УВ-индекс, кој во вторник, среда и четврток ќе изнесува 9.