Очите на светската јавност се свртени кон Сингапур каде што денес треба да се сретнат претседателот на САД, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја. Долгоподготвуваната и договарана средба по многу параметри е окарактеризирана како историска, која ќе ја предодреди иднината во односите меѓу двете земји. На другиот крај од планетата јавноста е во исчекување на уште една лидерска средба, поточно на телефонски разговор, меѓу премиерите на Македонија и на Грција, кој веќе подолго време се најавува и кој исто така има потенцијал да влезе во историјата, но и да ја промени иднината на Република Македонија.
Очите на светската јавност се свртени кон Сингапур каде што денес треба да се сретнат претседателот на САД, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја. Долгоподготвуваната и договарана средба по многу параметри е окарактеризирана како историска, која ќе ја предодреди иднината во односите меѓу двете земји. На другиот крај од планетата јавноста е во исчекување на уште една лидерска средба, поточно на телефонски разговор, меѓу премиерите на Македонија и на Грција, кој веќе подолго време се најавува и кој исто така има потенцијал да влезе во историјата, но и да ја промени иднината на Република Македонија.
Премиерот Зоран Заев вчера изрази надеж дека многу брзо ќе биде постигнато решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција и оти тоа би можело да се случи пред самитот на ЕУ закажан за 28 и за 29 јуни, нагласувајќи дека деновите се броени.
– Се работи за последните моменти во обидите да се приближиме околу ставовите и оти кога тоа ќе се случи заеднички ќе ја соопштиме среќната вест и за граѓаните на Република Македонија и за граѓаните на Република Грција – рече Заев.
Премиерот додаде оти тоа, секако, би бил договор најпрво меѓу претседателите на двете влади, меѓу министрите за надворешни работи, а кога ќе се случи тоа веднаш ќе бидат информирани шефот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните. За името што ќе биде постигнато како можно решение не сакаше да шпекулира ниту сакаше да одговори на новинарско прашање дали „Република Северна Македонија“ како најчесто споменувано во грчките медиуми е можната прифатлива опција. Претходно од МНР ги демантираа информациите на грчките медиуми дека шефот на македонската дипломатија игра соло во преговорите.
– Не постојат никакви поделби. Премиерот Заев, министерот за надворешни работи Никоа Димитров и целокупниот состав на Владата на Република Македонија се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија. Владата и сите нејзини членови заедно дејствуваат кон исполнување на стратегиските приоритети на Република Македонија, членство во НАТО и во ЕУ, и низ тој процес обезбедување подобар живот за сите граѓани на нашата земја – стои во соопштението на МНР објавено до јавноста.
Со идентичен став се јави и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој на прес-конференција рече дека Владата е целосно посветена на наоѓање решение.
Од друга страна, вчера грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, по излегувањето од премиерската резиденција изјави дека изминатиот ден бил критичен за преговорите за името и поради долгоочекуваниот телефонски разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кој требало да се случи токму вчера.
– Денеска ќе биде разговорот – изјави кратко за грчките медиуми Коѕијас по излегувањето од премиерската резиденција. На прашање за содржината на разговорот, Коѕијас одговори дека за тоа треба да кажат двајцата премиери.
Во меѓувреме грчките медиуми ѝ придаваат и големо внимание на веста дека премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров викендов имале семејно дружење во Струмица, за да покажат дека „се на иста линија“, наспроти тврдењата дека меѓу нив има разлики, или дека „Димитров игра свои игри“, како што подолг период објавуваа грчки медиуми повикувајќи се на владини извори.
– И покрај сликите и заедничките најави, внатрешните проблеми на Скопје се оние што продолжуваат да го блокираат потпишувањето на договорот. Грчката влада рефлектира опуштена и оптимистичка атмосфера, но чекањето, сепак, предизвикува загриженост во врска со исходот на случајот, бидејќи гледаат дека времето тече. Сепак, Димитрис Ѕанакопулос изрази уверување дека ќе се постигне договор – наведува весникот „Прототема“.
И „Катимерини“ го забележа заедничкото дружење на Заев и на Димитров, но повикувајќи се на неименувани извори, пишува дека „веднаш по објавувањето на соопштението на македонското МНР, Заев сепак контактирал директно со различни претставници на меѓународната заедница, за да се истакне дека Република Македонија останува целосно посветена на решавање на спорот за името со Грција“. Весникот забележува и дека Атина е свесна дека за Заев, пристапувањето на Македонија во НАТО е предуслов за политички опстанок.
Паралелно на случувањата, за јавноста остануваат нејасни прашањата за опсегот на употребата, името и идентитетските одредници и кој кому треба да му се јави прв за да се потврди средбата на високо ниво. Поранешната пратеничка во Собранието на Република Македонија и прв човек на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, во своја колумна вели дека Македонија капитулирала во преговорите.
– Всушност, како што беше јасно од самиот почеток, имаше само уцена, која сега Скопје се подготвува да ја прифати. Едно делче од народот, кој сѐ уште мора да се нарекува македонски, но едвај чека да му дадат достоинствено име за севкупна и сечија злоупотреба, возбудено чека на добрата вест и брои секунди. Како за полетување на ракета од космодромот – вели Грчева.
Според неа, со секој одминат час во преговорите се откриваат некоја тајна и лага од преговарачите што се недозволиви за Македонија и за македонскиот народ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и понатаму стои на ставот дека нема да поддржат промена на Уставот за промена на уставното име.
Според професорот Љубомир Фрчковски, договор ќе се случи и тоа не може да се одложи.
– Ако се одложи тоа ќе биде еднакво на неуспех. Скоро на неуспех. Притисокот на двете влади, кои вложија многу во оваа приказна ќе биде скоро невозможен да продолжат како ништо да не се случило продолжуваме понатаму. Тоа ќе биде проблем. Тоа е една политичка турбина, која нема да им дозволи такво мазно продолжување и мислам дека сега тоа мора да го направат и веројатно ќе го направат. Проблемот кај може да се лоцира ако ги следите изјавите јавни на нашата влада како ќе оди со имплементацијата. Штом не се случува разговор по таа основа проблемот е во имплементацијата – смета Фрчковски.
Што содржи временската рамка?
Временската рамка за реализацијата на договорот, како што пишуваат дел грчки медиуми, за Атина не е докрај прецизна, па тие го отвораат прашањето за имплементацијата на чекорите од договорот. Според досега објавеното, рамката предвидува договорот да го потпишат премиерите Заев и Ципрас, па да се гласа во македонското собрание со просто мнозинство, по што Грција би испратила писмо до НАТО со одобрување да се врачи поканата за членство, а ЕУ да дозволи да се додели датум за почеток на преговорите за зачленување. Наесен, во Македонија би се одржал референдум на кој граѓаните би кажале дали дозволуваат и уставни измени за името да биде за севкупна употреба, како што инсистира Атина.