Составот на парламентарните комисии, без кои Собранието не може да ги разгледува законските предлози, се очекува да биде изгласан на денешната седница на собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата, откако беше најавено дека партиите постигнале договор за претседавањето со комисиите.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе претседаваат со по осум собраниски комисии, ДУИ со три, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една, според партискиот договор.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе одржи брифинг со новинарите, по што се очекува да биде познато кога ќе биде свикана седницата на која треба да се гласа составот на комисиите.
Собранието, иако е конституирано, не може да ја започне својата работа, бидејќи парламентарните партии не можеа да постигнат договор за претседавањето со комисиите.